Унгарски кредит

Владата ги одобри 250-те милиони евра за бизнис секторот

28.01.2025 15:48

250 милиони евра на располагање за домашните компании – Владата донесе одлука за средствата од унгарскиот кредит. Трошоците за одобрување се нула денари …

Стопанството ќе ги добие парите од унгарскиот кредит. Владата донесе одлука 250 милиони евра да се стават на располагање на домашните компании. Целта е да се постигне инвестирање во приватниот сектор, соопшти премиерот Христијан Мицкоски, а крајниот бенефит ќе го имаат граѓаните преку подобар животен стандард.

Министерството за финансии за воспоставување на кредитната линија ѝ одобри на Развојната банка бескаматен заем во износ од 250 милиони евра, која понатаму ќе ги стави на располагање на банките учеснички.

Каматна стапка на годишно ниво останува 1,95%, без дополнителни надоместоци за одобрување, управување и предвремена отплата на средствата, соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Максималниот износ на кредитот ќе биде до 10 милиони евра во денарска противвредност. Во операционализирање на унгарскиот заем до компаниите ќе учествуваат сите 13 банки.

Исклучок за користење на овие средства се компаниите за трговија и производство на алкохол, тутун и казина. Ова е историски досега најголем износ што директно се става на располагање на стопанството, посочија од Владата.

Марина Стојанова-Тонева