Утре се очекува да пристигне дел од биолошката терапијата која што недостасува на Онкологија
Утре се очекува да пристигне дел од биолошката терапијата која што недостасува на Онкологија. Се прават напори другите медикаменти да се обезбедат преку донации. Лекови нема за 60-тина болни од канцер. Ова е привремено решение за состојбата на Клиниката, велат надлежните. В петок треба да се одобрат годишните планови за набавка на редовна терапија…

Дел од биолошката терапија која недостасува на Клиниката за онкологија ќе биде достапна за пациентите во текот на утрешниот ден – уверуваат надлежните. Потпишани се Анекс-договорите за набавка на четири лека, преостанатите два кои се обезбедуваат со донации ќе пристигнат до крајот на неделава. Директорот на Клиниката вели - и сега пациентите не се оставени без терапија, лекови нема за 60-тина болни од канцер.
„Анексите од договорите се потпишани и тие ги очекуваме во најкраток можен рок да пристигнат, може би во текот на утрешниот ден. За другите лекови работиме заедно со директорот на фондот на обезбедување на обезбедување на донација на некои од лековите и брза постапка за да бидат во најкус рок достапни“, изјави д-р Игор Стојковски, директор на Клиниката за онкологија.
Ова е преодно решение на проблемот, бидејќи овие лекови за пациентите ќе бидат доволни во наредните неколку недели. Во петок ќе бидат одобрени годишните планови за спроведување на редовната годишна набавка на онколошката терапија.
„Разговорите во овој период се за многу краток период да се обезбедат потребните лекови, збориме за четири до пет недели, а во тој период да се завршат редовните годишни набавки кои се надевам дека ќе имаме можност да ги објавиме следната недела“, изјави Сашо Клековски, директор на ФЗОМ.
Продолжуваат обвинувањата на партиите за случувањата на Онкологија. Од ВМРО-ДПМНЕ повикаа на одговорност. Велат Венко Филипче како тогашен министер не постапил според законите, а актуелната влада не е виновна за криминалот на Онкологија. Од СДСМ пак, бараат извинување и оставка од Рашела Мизрахи, затоа што како што велат ги лажеше граѓаните, за политички поени.
„Оваа влада не работи како до сега и не работи на реверс со кршење на закони и крадење на ампули. А за евентуално утврдениот криминал од страна на надлежните каде се предадени сите документи, не суди Рашела, парламентот, ниту извршната власт, туку судот“, изјави Рашела Мизрахи од ВМРО – ДПМНЕ.
„Нема формални одлуки ниту заклучоци од работата на анкетната комисија. Сега почитувани јасно е зошто нема, затоа што цело време се манипулирала јавноста и се сееле лаги. Вистината е дека Мизрахи намерни ги лаже граѓаните. А пратеник што ги лаже граѓаните не може да ги претставува“, изјави Богданска Кузеска од СДСМ.
Годинава буџетот на Клиниката за онкологија ќе биде значително зголемен – од Фондот велат некои од лековите што недостасуваат во иднина ќе бидат зголемени за двапати.
10-тина дена на Клиниката за онкологија недостасуваат шест биолошки лека. Надлежните велат – зголемениот број на болни од карцином довел до овој дефицит.
Андријана Ѓурческа
