србија

За 10 дена ќе одлучам дали Србија ќе оди на формирање на нова влада или на нови избори, најави Вучиќ

28.01.2025 21:53

Во следните 10 дена ќе биде донесена одлука дали ќе има нова влада во Србија или ќе се распишат избори најрано во април – најави претседателот Вучиќ по оставката на премиерот Вучевиќ дадена по инцидентот со повредените студенти на синоќешните протести во Нови Сад. Вучиќ вели категорично одбил формирање на техничка влада...

Претседателот Александар Вучиќ на вечерашната прес-конференција порача дека по оставката на премиерот Милош Вучевиќ, во наредните 10 дена ќе ги повика сите на консултации за формирање на нова Влада или ќе распише нови избори и ја отфрли можност за формирање на преодна влада.

Тој ги објасни роковите дека по констатација во Собранието на оставката на Вучевиќ во рок од 30 дена треба да се избере нова влада, која доколку не се избере, автоматски се распишуваат нови избори.

Вучиќ посочи дека е отворен и за двете опции-и за формирање на нова влада и за избори, потенцирајќи дека лидерот на СПС Ивица Дачиќ кој е коалиционен партнер-не е за опцијата за нови избори, туку за нова влада.

Тој истакна дека како претседател ќе именува мандатар, но дека има ограничувања.

„Морам да предложам мандатар за кој ќе ми каже парламентарното мнозинство, или ако некој ме увери дека има парламентарно мнозинство за избор на мандатар. Така да ќе ги почнам разговорите. Имав три или четири имиња во главата, но-не сум сигурен дека нема да одиме на избори. Значи, за десет дена, кога ќе ви кажам дали ќе одржиме избори или ќе избереме нова влада, тогаш ќе бидам подготвен да зборувам за кандидати за премиер“, изјави Александар Вучиќ претседател на Р. Србија.

Тој потенцираше дека Србија може да има избори за 75 дена, најреално во април, и посочи дека нема да има преодни влади, туку ќе има нова влада или ќе се оди на избори.

Вучиќ кажа дека утре ќе потпише помилување за 13-те лица кои беа уапсени на протестите, како што најави на вчерашната прес-конференција, апелираше за мир и порача да лично ќе се ангажира за стабилност во државата.

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ