Украина

Преговори за крај на руско-украинскиот конфликт?

29.01.2025 09:37

Путин смета дека се можни преговори за ставање крај на конфликтот во Украина, но ја отфрли можноста за директни разговори со Зеленски. Го смета за „нелегитимен“. Путин се плаши од мировни преговори, возврати украинскиот претседател...

Конфликтот во Украина би можел да заврши за месец и пол до два доколку Киев остане без муниција и западно финансирање-изјави рускиот претседател Путин. Тој тврди дека е подготвен за преговори, но не со Зеленски. Неговиот мандат е завршен и преговорите би немале правно значење, особено што Киев во 2022-та со декрет забрани разговори со Москва, указ кој сè уште е во сила – додава Путин.

„Ако почнеме преговори сега, тие ќе бидат нелегитимни. Затоа што кога сегашниот шеф на режимот го потпиша овој декрет, беше донекаде легитимен претседател. Но, сега не може да го откаже, бидејќи е нелегитимен. Тоа е трик, стапица. Но, постои законски начин тоа да се направи, дозволете му на претседателот на врховната Рада, согласно уставот, и можете да го затворите секое правно прашање. Засега едноставно не гледаме таква желба“, изјави Владимир Путин – претседател на Русија.

Украинскиот претседател Зеленски пак, вели дека изјавата на Путин е уште една потврда дека тој се плаши од преговори, се плаши од силни лидери и прави се за да ја продолжи војната. Истакна дека Киев работи на зајакнување и модернизација на својата армија, потенцирајќи ја важноста од континуираната соработка со меѓународните партнери за да се обезбеди стабилна поддршка.

„За февруари планираме меѓународни средби и преговори. Клучни задачи се единството меѓу партнерите и координацијата во европска насока. Сите треба да запомнат дека ако глобалните прашања се решаваат без Европа, би можеле да ја остават со одлуки неприфатливи за голем број европејци. Истото важи и за прашањата на војната и мирот – војната што ја почна Русија и мирот на којшто заедно мораме да ја принудиме Русија“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

Еу и САД согласни за потребата да се одржи максимален притисок врз Москва-потврди шефицата на европската дипломатија Каја Калас и американскиот државен секретар Марко Рубио во нивниот прв телефонски разговор откако администрацијата на Трамп ја презеде функцијата.

„Разговаравме за глобалните прашања каде ЕУ и САД имаат заеднички интереси, вклучително и руската војна во Украина, злобното влијание на Иран и предизвиците што ги носи Кина“, објави Калас на социјалната мрежа „Х“.

Разговорот доаѓа во време на зголемена европска загриженост за тоа што новата администрација, со нејзиниот пристап „Америка на прво место“, ќе значи за трансатлантските врски во одбраната, безбедноста, економијата и трговијата.

 

Бојана Крстевски