Украина

Русија е подготвена за преговори со Украина, но не со Зеленски

29.01.2025 15:20

Русија е подготвена за преговори со Украина за ставање крај на конфликтот, но не и со Зеленски. Преговорите со него би биле нелегитимни-изјави Путин. Потенцира дека ако Киев има желба да седне на маса прво ќе мора законски да го затвори секое правно прашање. Зеленски возвраќа-Путин прави се за да ја продолжи војната. ЕУ и САД согласни за потребата да се одржи притисокот врз Москва.

Конфликтот во Украина би можел да заврши за месец и пол до два доколку Киев остане без муниција и западно финансирање-изјави рускиот претседател Путин. Тој тврди дека е подготвен за преговори, но не со Зеленски. Неговиот мандат е завршен и преговорите би немале правно значење, особено што Киев во 2022-та со декрет забрани разговори со Москва, указ кој сè уште е во сила – додава Путин.

„Кога сегашниот шеф на режимот го потпиша овој декрет, беше донекаде легитимен претседател. Но, сега не може да го откаже, бидејќи е нелегитимен. Тоа е трик, стапица. Но, постои законски начин тоа да се направи-дозволете му на претседателот на врховната Рада, согласно уставот, и можете да го затворите секое правно прашање. Засега едноставно не гледаме таква желба“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.

Зеленски вели-изјавата на Путин е уште една потврда дека тој се плаши од преговори, се плаши од силни лидери и прави се за да ја продолжи војната. Истакна дека Киев работи на модернизација на својата армија. Ја потенцира важноста од континуираната соработка со меѓународните партнери за да се обезбеди стабилна поддршка.

„Клучни задачи се единството меѓу партнерите и координацијата во европска насока. Ако глобалните прашања се решаваат без Европа, би можеле да ја остават со одлуки неприфатливи за голем број европејци. Истото важи и за прашањата на војната и мирот – војната што ја почна Русија и мирот на којшто заедно мораме да ја принудиме Русија“, изјави Володимир Зеленски • претседател на Украина.

Еу и САД согласни за потребата да се одржи максимален притисок врз Москва-потврдија шефицата на европската дипломатија Каја Калас и американскиот државен секретар Марко Рубио во нивниот прв телефонски разговор откако администрацијата на Трамп ја презеде функцијата.

„Разговаравме за глобалните прашања каде ЕУ и САД имаат заеднички интереси, вклучително и руската војна во Украина, злобното влијание на Иран и предизвиците што ги носи Кина“, објави Калас на социјалната мрежа „Х“.

Разговорот доаѓа во време на зголемена европска загриженост за тоа што новата администрација, со нејзиниот пристап „Америка на прво место“, ќе значи за трансатлантските врски во одбраната, безбедноста, економијата и трговијата.

 

Бојана Крстевски