Металург на гости кај Омонија
На само два дена пред почетокот на новата првенствена сезона кај нас, последниот македонски претставник во фудбалска Европа, Металург, попладнево излегува на мегдан кај кипарска Омонија, во првиот натпревар од третото квалификациско коло во Лига Европа.

На само два дена пред почетокот на новата првенствена сезона кај нас, последниот македонски претставник во фудбалска Европа, Металург, попладнево излегува на мегдан кај кипарска Омонија, во првиот натпревар од третото квалификациско коло во Лига Европа.
Изненадувачкиот успех во двомечот со босански Железничар во претходната прелиминарна рунда остварен со два гола на гости, им даде уште посилна мотивација на фудбалерите на нашиот тим пред соочувањето со трофејниот кипарски тим. Омонија е стар познаник и непреодна пречка за нашите фудбалски клубови во еврокуповите. Тоа најдобро го почувствуваа на своја кожа Слога Југомагнат во 2004, Милано во 2008 и Ренова во 2010. Сите заедно на шест меча против тимот од Никозија претрпеа шест пораза, не извлекоа ниедно реми, постигнаа само два, а примија дури 17 гола. Генерално, кипарските екипи секогаш биле проблем за македонските во европските натпревари, а последен што успеал да исфрли ривал од оваа земја беше Работнички, којшто во 2011, токму во оваа квалификациска фаза од Лига Европа беше подобар од Анортозис.
Металург е кадровски ослабен во споредба со тимот којшто минатата пролет избори меѓународни настапи, но сепак стигна најдалеку од нашите екипи. Во првите 90 минути од двомечот, тимот на Срѓан Захариевски во Никозија ќе истрча со желба за поволен резултат којшто ќе му ги сочува шансите за подвиг, без оглед што противникот има интернационален состав, поголем буџет и поголемо меѓународно искуство. Поранешниот кипарски шампион беше петти во домашната лига и тоа можеби ги зголемува надежите во редовите на Металург, иако во меѓувреме значително го засили тимот со дури седуммина странски играчи. Лидер на нашиот репрезент и на оваа средба, во тимот полн со млади и надежни фудбалери, одново ќе биде Миле Крстев, стрелецот на клучниот гол во Сараево, по којшто Металург стана првата македонска екипа во последните три сезони којашто дотурка до третото претколо во Лига Европа.
Мечот во Никозија почнува во 18 часот.
