УЈП: Бизнисот бараше да се намали прагот на ДДВ
Само во услови на раст на економијата и јака даночна администрација може да се намали прагот за ДДВ обврзник...

По барање на бизнис заедницата наместо со два милиони, задолжителен ДДВ обврзник фирмите ќе стануваат со еден милион денари годишен промет. Невистина се шпекулациите дека мерката ќе ја полни буџетската каса – тврди првиот човек на УЈП. Измените треба да создадат еднакви пазарни услови за работа и лојална конкуренција.
„Ноторна лага се информациите што се пласираат дека законските измени и намалувањето на прагот од два на еден милион денари за ДДВ обврзниците ќе биде смртна казна за малите бизниси. Ова е барање на малите и стини бизниси- тоа најодговорно го тврдам. Доколку тие не се ДДВ обврзници неможат да бидат конкурентни и атрактивни на пазарот“, вели Горан Трајковски, директор на УЈП.
Либерализацијата на условите е во функција на бизнисите, оној што не е задолжителен ДДВ обврзник е во инфериорна положба, не може да биде конкурентен да соработува со големите бизниси, вели Трајковски.
„Секој еден ДДВ обврзник по дефиниција сака да работи со ДДВ обврзник, значи да прими фактура со ДДВ, за да може после да каже- ова ДДВ ми е повратно, а ова не ми е. Токму поради тоа, намалувањето на прагот им овозможува на малите бизниси да станат препознатливи и атрактивни“, објаснува Трајковски.
Само во услови на раст на економијата и јака даночна администрација може да се намали прагот за ДДВ обврзник. Според првиот даночник во државава, малите даночни обврзници создаваат негативен ефект врз буџетската каса.
Во Македонија сега има 128 илјади правни лица даночни обврзници, 34 илјади од нив ДДВ обврзници на кои државата во рок од 30 дена им прави повраток на ДДВ.
Сузана Фиданска- Стоевска
