Бојкотот во Хрватска даде резултати, в петок нов
Идејата за бојкот на маркетите не тргна од кај нас. Нешто пореволтирани од нас беа Хрватите кои го применија бојкотот во практика. Сега веќе одат чекор подалеку, наместо еден ден, повикуваат да се бојкотира цела седмица.

Бојкотот на маркетите во Хрватска даде резултат, велат во изјава за МТВ од тамошната Организацијата за заштита на потрошувачите. Прометот за двојно опаднал, значително се намалил и бројот на трансакции. Иако, од Организацијата не верувале дека бојкотот ќе даде резултат, бидејќи граѓаните биле повикувани преку социјалните мрежи и немале такво искуство од претходно, сепак, сега се охрабрени дека ваквите акции даваат резултат.
„Бојкотот беше исклучиво поради превисоките цени на храната и безалкохолните пијалаци. Цените во Хрватска растат од почетокот на 2022 година, а со воведувањето на еврото се случи стампедо, кое хрватските потрошувачи не можат да го следат“, изјави Ана Кнежевиќ, претседател на Хрватското здружение за заштита на потрошувачи.
И во Хрватска за в петок е најавен нов бојкот.
„Го поддржувам бојкотот, време е и треба така да се направи, луѓето живеат со мали пензии, треба да преживуваат“.
„Сите знаеме дека цените растат, а друг начин, изгледа нема“.
„Причината е таа, да се опаметат малку, да следат сè што треба, да се намалат цените, барем на најосновните производи“.
„Откако дојде еврото, не за 10 пати како што зборуваат тие, туку за над 100 ги кренаа цените. Тоа треба да се регулира на ниво на држава“.
„Бојкотот влијае и прометот падна, сигурно за 50 проценти“, велат анкетираните граѓани.
Организаторите повикуваат ништо да не се купува, да не се плаќаат сметки во банки и пошти, да не се патува со автобуси и возови.
„Граѓаните се повикуваат на бојкот на три конкретни трговски ланци, и на три производи. Тие три производи се Кока-Кола, вода во шишиња и детергенти за перење алишта. Очекуваме бојкотот да продолжи и Владата и оние кои се надлежни за регулирање на цените да преземат сè што е во нивна надлежност за цените да се симнат на прифатливо ниво за хрватските граѓани“, изјави Ана Кнежевиќ, претседател на Хрватското здружение за заштита на потрошувачи.
Иницијативата, која потекна од групата „Ало инспекторе“, зад која стои Европскиот центар за извонредност на потрошувачите доби поддршка од здруженија за заштита на потрошувачите, од синдикати, политички партии, па и од власта. Хрватска е меѓу трите земји на ЕУ со највисока инфлација.
Наташа Јанчиќ-Менковски
