Калас: Не преговараме за Гренланд
Гренланд е пандорината кутија меѓу администрациите на САД и на Европската унија. Откако претседателот Трамп побара островот, полуавтономен регион на данското кралство, да стане дел од американската територија, шефицата на европската дипломатија Калас возврати-не преговараме за Гренланд. Официјален Копенхаген, случајно или не реши да вложи во безбедносната област нешто повеќе од две милијарди евра. Според најновата анкета, 85 насто Гренланѓани се против идејата на шефот на Белата куќа, иако островот континентално припаѓа на Северна Америка...

Или Гренланд поради американската безбедност или нови царински давачки за европските производи во Америка, особено за автомобилската индустрија, ова беше ултиматумот на шефот на Белата куќа. Од Европската унија пристигна и одговорот. Нашите релации со Вашингтон се меѓусебно и длабоко поврзани, Америка е клучниот сојузник на Европа, но Брисел не преговара за регионот што опфаќа над два милиони квадратни километри.
„Воопшто не преговараме за Гренланд. Ја поддржуваме Данска и автономниот регион наспроти ставот на новата американска администрација. Ние сме економска сила, многу сме поврзани со Америка, но безбедноста е исто така меѓусебно поврзана. Да не ја потценуваме и нашата сила во разговорите со партнерите“, изјави Каја Калас-шефица на европската дипломатија и безбедност.
Копенхаген и Нуук, престолнините на Данска и на Гренланд ги засилуваат безбедносните врски. Кралството вложува две милијарди евра во зголемено присуство на данската војска во Арктичката област, во нив се вклучени и Фарските острови. За првпат Гренланд станува приоритет на безбедноста на Копенхаген.
„Содржината на договорот е во можноста што од сега ќе можеме да разменуваме воени бродови во Гренланд и исто така на Фарските острови“, изјави Троелс Лунд Поулсен – министер за одбрана на кралството Данска.
„За првпат нашата влада е вклучена во преговорите за данската одбрана на ова ниво. дојде времето за заедничко барање на решенијата“, изјави Вивијан Моцфелд-министерка во автономната влада на Гренланд.
Арктичката област е нераскинливо поврзана со безбедноста на северната хемисфера. Руските суперсонични бомбардери „Тупољев 160“ постојано кружат над неутралните води на Арктичкиот океан. Според Москва, за предлогот на Трамп треба да решат жителите на Гренланд.
Зоран Богатинов
