Политика

Унгарскиот заем не е поради економски причини, велат од СДСМ

29.01.2025 13:41

Од партијата велат дека Владата мора да сноси одговорност за ова штетно задолжување и јавно да објасни како планира да ги намали негативните последици од овој договор врз економијата и граѓаните.

СДСМ уверува оти задолжувањето со унгарскиот кредит е на штета на граѓаните. Денеска на прес-конференција потпретседателката на партијата, Фани Каранфиловска- Панова рече дека кредитот не бил од економски, туку од политички причини.

Економските штети од овој договор се сериозни и далекусежни: Договорената каматна стапка од 3,25% годишно може да изгледа конкурентна, но дополнителната камата од 1,95% за 250 милиони евра што ќе се пласираат преку комерцијалните банки значи дека граѓаните и компаниите ќе плаќаат ефективна камата од 5,2%. Ова ги прави кредитите од унгарските средства поскапи од оние што веќе ги нудат домашните банки, каде што просечната каматна стапка е 4,78%.На долг рок, ова задолжување ќе го намали потенцијалот за економски раст и ќе создаде дополнителен товар за граѓаните и стопанството, рече заменик- претседателката на СДСМ.

Од партијата велат дека Владата мора да сноси одговорност за ова штетно задолжување и јавно да објасни како планира да ги намали негативните последици од овој договор врз економијата и граѓаните.

Ова задолжување ја осиромашува државата, ги намалува јавните инвестиции и создава непотребна зависност од странски интереси. Наместо овие средства да се користат за подобрување на квалитетот на живот, тие ќе завршат во рацете на странски банки и адвокатски канцеларии. Македонските општини ќе останат со празни раце, а македонските компании со скапи кредити кои ќе го отежнат нивното работење, рече Каранфилова- Пановска.