Финансии

Мицкоски: Унгарскиот кредит за компаниите ќе придонесе за задвижување на економијата

29.01.2025 14:23

Владата на вчерашната седница ги одобри договорите за кредитот за компаниите кои треба да значат административно поврзување и создавање партнерство помеѓу Развојната банка и комерцијалните банки.

Премиерот Христијан Мицкоски очекува 250 милиони евра од унгарскиот кредит наменет за компаниите да придонесат за задвижување на економијата, заедно со кредитот од 250 милиони евра наменет за капитални инвестиции во општините и со директните странски инвестиции во 2024 година, кои очекува да надминат една милијарда евра.

Владата на вчерашната седница ги одобри договорите за кредитот за компаниите кои треба да значат административно поврзување и создавање партнерство помеѓу Развојната банка и комерцијалните банки.

Очекувам таа формалност деновиве да биде завршена и компаниите и економските оператори да можат да аплицираат и да добијат европски кредит со најниски камати. Очекувам кредитната линија да создаде инвестициски бран од минимум 300 милиони евра и заедно со проектите во општините, кои се инвестициски бран за реализирање капитални инвестиции од 250 милиони евра, и странските директни инвестиции, кои очекувам во 2024 година со засилената динамика во втората половина од годината да натфрлат една милијарда евра со што по глава на жител и по процент од БДП повторно ќе бидеме најдобри во регионот, да придонесат за задвижување на економијата. Логично е сите овие индикатори и консолидирањето на буџетскиот дефицит, приходите и слично да резултираат со коригирање во позитивна нагорна линија на прогнозите на меѓународните финансиски институции за раст на македонската економија како што тоа го направи Светска банка која најпрво предвидуваше раст на економијата од 1,8, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање.

Доколку растот во четвртиот квартал од 2024 година биде помеѓу 3,5 и 4 проценти, посочи, растот на македонската економија ќе оди во нагорна линија и може да дојде до 3 проценти на годишно ниво, нешто што ќе ги надмине и нашите позитивни очекувања.

Нагласи дека мониторинг врз компаниите кои ќе аплицираат за унгарскиот кредит ќе имаат комерцијалните банки кои се одговорни за спроведување на кредитната линија.