Ужасна хуманитарна ситуација во Конго
Додека фокусот на светот е насочен кон Украина и Блискиот Исток, во Африка беснее суров конфликт, откако бунтовниците поддржани од Руанда упаднаа во Конго и го зазедоа градот Гома со 2 милиона жители. На улиците лежат безживотни тела, болниците се полни со ранети, нападнати се и амбасади. Обединетите нации предупредија дека хуманитарната ситуација е ужасна...

Жестоки улични борби во градот Гома во Демократска Република Конго. Над сто луѓе се убиени и ранети, меѓу жртвите има и деца и мировници на ООН. Немирите почнаа откако бунтовничката група М 23 го зазеде аеродромот, по што продолжи да напредува до освојување на милионскиот град.
„Ширењето на оружјето во Гома претставува значителен ризик бидејќи борците се мешаат во цивилното население. Дополнително, напуштените воени складишта се ограбуваат од цивили“, изјави Вивијан ван де Пер - Мисијата на ООН за стабилизација во Демократска Република Конго.
Цели семејства ја напуштија Гома и се упатија во соседна Руанда и покрај обвинувањата дека ги поддржува бунтовниците што им ја уништуваат државата.
„Имаме 1.200 бегалци. Ги обезбедуваме основните услуги, медицинска помош и храна. Ова не е ново, ние почнавме да примаме луѓе кои бегаат од борбите од другата страна на границата од ноември 2022 година“, изјави Филип Хабиншути – секретар на Руанда за управување со итни случаи.
Протести против акциите на Руанда избувнаа во главниот град на Конго, Киншаса. Нападнати и амбасади. Осуда за насилствата пристигна од СБ на ООН, САД, Обединетото Кралство, Франција.
„Милиони се раселени. Илјадници се заробени во опколениот град Гома со ограничен пристап до храна, вода, електрична енергија, безбедност. Загубени се безброј животи. Доста е. На Руанда не може да ѝ се дозволи да продолжи да дејствува неказнето“, рече Тереза Кајиквамба Вагнер – министер за надворешни работи на Демократска Република Конго.
М23, познати и како Револуционерна армија на Конго е една од 100-те вооружени групи кои се борат за упориште во богатиот регион со минерални суровини. Групата ја сочинуваат членови на племето Тутси, на кое му припаѓа и претседателот на Руанда, Пол Кагаме.
Маријана Димовска
