ПИОМ

Ревизијата го вклучи алармот за состојбите во Фондот за пензиско осигурување

29.01.2025 15:01

Има дупка, а пари се трошеле без контрола – ревизијата го вклучи алармот за состојбите во Фондот за пензиско осигурување. Економистите потврдуваат дека се потребни промени, но бараат внимателност, а не непромислени реформи.

Ревизијата го вклучи алармот за одржливоста на пензискиот систем. Во земјава, според наодите помалку од двајца работат за еден пензионер. Една третина се испумпува од Буџетот за да се пополни недостигот од средства во Фондот. Потребни се промени, вели за МТВ универзитетскиот професор Борче Треновски. При тоа да се земат предвид фискалниот и социјалниот аспект, решенијата да бидат долгорочни, а не брзи и непромислени, додава Треновски особено ако се оди на реформа со зголемување на старосната граница и на придонесите.

Треновски гледа можност и во унапредување на шемите на инвестирање на одржливоста на вториот столб по примерот на земјите каде на капитално базирано финансирање им е првиот стол и им се оплодуваат средствата. Но повикува сите чинители да се вклучат во анализи и истражувања за да се најде најдоброто решение. Во МАНУ, од пред една година е почната иницијатива за една сложена студија која би требало да даде најсоодветни одговори.

 

Фиљана Кока