По трет пат пониска цена на парното
Потрошувачите велат дека секое намалување е добрo, бидејќи директно ги намалува режиските трошоци...

И официјално цената на парното се намали. Регулаторната комисија ја изгласа предлог одлуката со што корисниците на парно приклучени на Балкан Енерџи Груп ќе плаќаат пониска цена за 4,67 проценти. Потрошувачите велат дека секое намалување е добрo, бидејќи директно ги намалува режиските трошоци.
„Многу помага, пред две три години беше поскапо, а сега бидејќи е намалено, многу помага... Со оглед на моменталната состојба мислам дека е еден добар потег...“, велат случајно анкетираните граѓани.
Августовските сметки ќе бидат намалени за речиси 5 проценти. Ова е трето намалување на сметките за парно. Во Скопје иако нема можности за избор на други опции за греење, граѓаните ја користат струјата, но не е мал делот и на оние кои кога се откажаа од парното преминаа на огревно дрво.
„Според мене треба уште малку да падне цената“, вели професорот Константин Димитров.
Според пресметките, за затоплување на стан од 60 квадратни метри во текот на едно семејство му беа потребни околу 22.400 денари. Со новите сметки сега ќе плаќаат околу 20.000. Доколку се грее со дрва за грејната сезона ќе му требаат 31.000 денари.
Цената на парното во последните две години се намали за вкупно 21% за домаќинствата, а за останатите корисници 34 проценти.
На мрежата на во моментов се приклучени помалку од 50.000 корисници.
Според Регулаторната комисија намалувањето на цената на парното се должи на намалените трошоци за производство на топлинска енергија, заради проектираната цена на природниот гас, и количината на потрошеното гориво.
Дијана Ценевска
