Политика

Власта и опозицијата со различни ставови за унгарскиот кредит

29.01.2025 15:13

Економските штети од задолжувањето кај унгарската Експорт – импорт банка ќе бидат далекусежни, ефективната каматна стапка ќе биде 5,2 проценти, има скриени трошоци – СДСМ го критикува владиното задолжување. Премиерот Мицкоски вели, компаниите добиваат средства под исклучително поволни услови, ќе има нови инвестиции и повисок економски раст…

Унгарскиот заем од милијарда евра е најлош финансиски договор за задолжување кој државата некогаш го постигнала – критикува СДСМ. Според партијата, кредитот нема економски интерес, туку политички и бизнис за Владата.

Според нивната анализа, промовираната каматна стапка од околу три проценти е обичен Пи-Ар, бидејќи ефективната е над пет отсто. Социјалдемократите сметаат дека истите услови би се постигнеле и со нова еврообврзница, без државата, како што велат да биде ставена во подредена состојба на Будимпешта.

„За кредитот од една милијарда евра, државата ќе плати безмалку 500 милиони евра камати во следните 15 години, сума која можеше да се насочи кон училиштата, болниците или патиштата. Прашањето кое се поставува е, дали Владата очекува дека економскиот раст ќе ги оправда овие половина милијарда евра камата? Ова е невозможно и реално тешко дека ќе се случи затоа што средствата наменети за стопанството, наместо да бидат инвестирани во нови производствени капацитети, ќе завршат за мали и краткорочни проекти кои немаат никакво влијание врз економскиот раст“, велат од СДСМ.

Премиерот Мицкоски, пак, смета дека ова е историски најголема сума на пари директно вбризгани во стопанството. 250 милиони евра наменети за домашните инвеститори, по досега најниски каматни стапки ќе овозможат економски развој, нови вработувања и подобар стандард, вели премиерот.

Дел од средствата од унгарскиот кредит се наменети за поддршка на капитални проекти во општините.

 

Марина Стојанова - Тонева