Здравство

Етапно пристигнува биолошката терапија на Клиниката за онкологија

29.01.2025 17:39

Анексите потпишани, биолошката терапија на Онкологија почна етапно да пристигнува. Клиниката тврди – ќе се надмине недостигот, пациенти и денеска беа враќани …

Два биолошки лека кои се дел од терапијата која недостасува на Клиниката за онкологија се достапни за пациентите, етапно ќе пристигнуваат и другите, со што треба да се надмине проблемот со дефицит на терапија. Но, додека стигнат, болните од канцер се испраќаа дома без примена биолошка терапија, со одговорот дека го нема лекот – сопругата на Ерол Беќири првпат се соочила.

„Сопругата е тука пациент, денеска требаше да прима биолошка терапија заедно со хемотерапија, но рекоа дека биолошка немало и ќе прима само хемотерапија.

-Ви кажаа ли за кога е одложена биолошката?-Не, до кога ќе нема не знаеме“, вели Беќири.

Овие лекови за пациентите ќе бидат доволни во наредните неколку недели, до новиот тендер. Директорот Стојковски вели и сега пациентите не се оставени без терапија – кај некои биолошката е само дел од третманот.

„Некои од лековите ќе стигнат во текот на овој ден, некои во текот на утрешниот, некои до крајот на неделава некои следната недела. Со тоа ќе се надмине акутниот недостаток што се јави во овој период, работиме со фондот за здравствено осигурување на обезбедување законска процедура на јавна набавка, се надевам дека тоа ќе заврши во најдобар ред и ќе имаме континуитет на снабдување на количини на лекови веќе од следната недела“, вели д-р Игор Стојковски, директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија.

Од Фондот за здравство велат дека во петок ќе биде одобрен планот за спроведување на редовната годишна набавка на онколошката терапија. Ја задолжија клиниката да направи регистар на пациенти. Надлежните велат – зголемениот број болни од карцином довел до овој дефицит.

Годинава буџетот на Клиниката за онкологија ќе биде двојно зголемен – со тоа надлежните очекуваат да не се повтори да има криза со биолошката терапија.

Андријана Ѓурческа