Објавен списокот на надворешни советници на премиерот Мицкоски, почната и постапка за нови амбасадори
По неколку месеци, Владата го објави списокот на надворешни советници на премиерот Мицкоски. На листата се поранешните функционери Ставрески, Пешевски, Вељаноски, Андоновски. Нефрологот Николов бил советник за здравство, но е предложен за нов амбасадор во Франција …

Премиерот Мицкоски го советуваат 17 експерти. Владата го објави списокот на надворешни советници. На листата има и познати имиња. Мицкоски во економијата се потпира на советите на екс-министерот Ставрески, задолжен за финансии и банкарство, на вицепремиерот за економски прашања Пешевски, а на листата е името на поранешниот прв човек на Законодавниот дом, Трајко Вељаноски кој е надворешен соработник на собраниски, политички и правосуден систем. Амбасадорот Сашо Марковски го советува премиерот за надворешна политика и преговорите со ЕУ, а надворешен советник за европски прашања е и професорот Александар Спасеновски. Во делот на безбедноста, советници се поранешните безбедњаци, Љупчо Андоновски и Горан Николовски. Останува советник и Германецот Јоханес Хајдекер, кој му беше советник и на екс-премиерот Ковачевски.
„Со нивното долгогодишно искуство и во јавниот и во приватниот сектор, надворешните советници ќе ја поддржат Владата во донесувањето информирани одлуки кои се усогласени со најдобрите практики и националните приоритети“, велат од Владата.
Советник за здравство на премиерот Мицкоски му бил и нефрологот Игор Николов, но тој на последната владина седница е предложен за амбасадор во Франција. Владата предложила четворица нови амбасадори, а повеле и постапка за повлекување на деветмина, меѓу кои се амбасадорката во Бугарија, Руси-Поповска, во Црна Гора, Зеќир Рамчиловиќ и Пајо Авировиќ.
Марија Котовска
