Скопје

Настан во Скопје-„Чисти води за здрава иднина: патот кон зачувување на Треска“

30.01.2025 08:42

Целта е да се подигне свеста за заштитата на реката Треска и нејзиниот биодиверзитет преку активно учество на граѓаните, информираат организаторите...

Финален настан во рамки на проектот „Младински активизам за одржливи реки: заштита и зачувување на биодиверзитетот на реката Треска“, што го спроведува Аналитика – Скопје со поддршка на Амбасадата на Канада за Србија, Северна Македонија и Црна Гора, ќе се одржи денеска во Скопје.

Целта е да се подигне свеста за заштитата на реката Треска и нејзиниот биодиверзитет преку активно учество на граѓаните, информираат организаторите.

Настанот има за цел и да ги презентира постигнувањата од проектот, што промовира зачувување на природните ресурси, борба против загадувањето и заштита на водните екосистеми.

Ќе се презентираат резултатите од истражувањето и препораките за зачувување на водата и биодиверзитетот на реката Треска.

Овој настан ќе биде од особена важност за споделување на наодите и заедничко планирање на идните чекори за подобрување на состојбата на ова значајно природно богатство, истакнуваат организаторите.

Најавени се обраќања на заменик амбасадорот на Канада – Дејвид Морган, заменик министерката за животна средина и просторно планирање – Ане Лашкоска, директорката на Институтот за јавно здравје – Марија Андоновска и државниот секретар во Министерството за локална самоуправа – Јулијана Павковска – Боцевска.