Авион со 64 патници и членови на екипаж се судри со воен хеликоптер над небото во Вашингтон
Авион со 64 патници и членови на екипаж се судри со воен хеликоптер над небото во Вашингтон. Во тек е акција ја пребарување и спасување. Според американските медиуми, авионот при падот се преполови на два дела, и завршил во реката Потомак. Допрва ќе се утврдува која е причината за судирот над фреквентниот и силно ограничен воздушен простор околу главниот град на САД...

Страотна несреќа над небото на САД. Авион со 60 патници и четворица членови на екипажот се судри со армиски хеликоптер при слетување на националниот аеродром Роналд Реган во близина до Вашингтон. Хеликоптерот, познат како „Црн Јастреб“, превезувал три воени лица, соопшти Пентагон. Американските медиуми јавија дека авионот при пад во реката Потомак се преполовил на два дела.
„Бев само со мојата девојка во паркот, веднаш до Националниот аеродром Реган, вечеравме и уживавме во убавиот поглед, кога забележавме дека авионите имаат неправилни движења и тогаш видовме бели одблесоци. Не размислувавме многу за тоа, мислевме дека се ѕвезди што паѓаат, сè додека не ги видовме противпожарните возила и полициски автомобили“, изјави очевидец.
Точниот број на жртви се утврдува, во тек е операција за пребарување и спасување во реката Потомак.
„Нашиот противпожарен оддел и полициските одделенија од целиот градски регион Вашингтон, спроведуваат спасувачка операција во реката Потомак“, изјави Муриел Боузер, градоначалничка на Вашингтон.
„Ова е многу сложена операција. Условите се крајно тешки за оние што се на терен. Ладно е. Тие се справуваат со релативно ветровити услови, ветерот е силен на реката“, изјави Џон Донели од противпожарна служба во Вашингтон.
Засега нема информации за причината за судирот, но сите полетувања и слетувања од аеродромот се прекинати. Федералната управа за авијација соопшти дека падот се случил кога регионален авион кој тргнал од Вичита, Канзас, се судрил со воен хеликоптер на тренинг лет додека се приближувал до аеродромската писта во Вашингтон. Хеликоптерот пак летнал од базата „Форт Белвоар“ во сојузната држава Вирџинија. Претседателот Трамп на социјалните мрежи истакна дека лошата ситуација можела да се спречи.
„Целосно соработуваме со Националниот одбор за безбедност на транспортот во истрагата и ќе продолжиме да ги обезбедуваме сите информации. Нашиот тим од високо обучени професионалци ќе работи деноноќно за да ги поддржи нашите патници, екипажот и нивните семејства“, изјави Роберт Исом, извршен директор на Американ Ерлајнс.
Воените авиони често вршат тренинг летови во и околу фреквентниот и силно ограничен воздушен простор околу главниот град на САД.
Маријана Димовска
