Скопје

Општина Аеродром донесе препорака основците да ги оставаат телефоните во посебно означени кутии

30.01.2025 20:43

Аеродром донесе препорака учениците од прво до деветто одделение во сите основни училишта да не ги поседуваат кај себе и да не ги користат мобилните телефони ...

Општина Аеродром донесе препорака учениците од прво до деветто одделение во сите основни училишта да не ги поседуваат кај себе и да не ги користат мобилните телефони за време на наставата.

„Имено, се препорачува учениците при влез во училиштата да ги оставаат своите мобилни апарати во посебно означени кутии сместени во посебни простории во рамките на училиштата, од каде ќе можат да ги земат по завршување на наставата. Доколку вработените во училиштата увидат дека некој ученик поседува и втор телефон може да го одземе и да го врати на родителите или старателите. Ваквата препорака е донесена по спроведените консултации со директорите и стручните служби на училиштата, по што Општина Аеродром покрена иницијатива која наиде на поддршка од страна на училишните одбори и од советите на родители“, се вели во соопштението.

Од општината додаваат дека со оваа препорака имаат за цел да се заштитат учениците од несоодветни, непристојни, па дури и опасни содржини што секојдневно се шират по одредени социјални мрежи кои за жал се пресликуваат и во нашата реалност. Исто така, од општината очекуваат учениците со поголемо внимание и фокусираност да ги следат предавањата на часовите со што ќе се подобри образовниот процес, но и да развијат поголема друштвеност и емпатија меѓу себе и ќе се избегнат потенцијалната мобингот и меѓуврсничкото насилство.