САД

Фатален лет за Вашингтон, се трага по преживеани

30.01.2025 12:02

Авион со 64 патници и членови на екипаж се судри со воен хеликоптер во Вашингтон во обид на слетување. Во тек е спасувачка операција. Од реката Потомак се извадени 19 тела. Меѓу патниците имало и руски државјани, Москва изрази сочувство. Допрва ќе се утврдува која е причината за судирот на фреквентниот и силно ограничен воздушен простор околу главниот град на САД.

Страотна несреќа на американското небо. Авион со 64 патници и членови на екипажот кој полетал од Вичита, Канзас се судри со армиски хеликоптер при слетување на националниот аеродром Роналд Реган во близина до Вашингтон. Хеликоптерот, познат како „Црн Јастреб“ извршувал тренажен лет, а во него биле три воени лица, соопшти Пентагон.

„Се молам дека некој ќе ја извлече мојата сопруга од водата додека зборуваме. Ми пиша дека слетува за 20 минути. Последната порака не е примена. Тогаш сфатив дека можеби нешто се случува“, рече сопруг на патничка.

„Бев само со мојата девојка во паркот, веднаш до Националниот аеродром Реган. Вечеравме и уживавме во убавиот поглед кога забележавме дека авионите имаат неправилни движења и тогаш видовме бели одблесоци. Мислевме дека се ѕвезди што паѓаат, сè додека не ги видовме противпожарните возила и полициски автомобили“, вели очевидец.

По несреќата, операција за пребарување и спасување.

„Ова е активна операција која ќе трае многу часови“, изјави Ричард Бонет, противпожарна служба на управа за аеродроми во Вашингтон.

„Двата авиона се во вода. Фокусот сега е на спасувањето луѓе“, изјави Муриел Боузер, градоначалничка на Вашингтон.

„Ова е многу сложена операција. Условите се крајно тешки за оние што се на терен. Ладно е. Ветерот е силен на реката“, изјави Џон Донели, Вашингтон, противпожарна служба.

„Активно работиме со локалните, државните, федералните власти и тимовите за одговор при итни случаи. Тимот за грижа на Американ Ерлајнс е активиран за да им помогне на нашите патници и нивните семејства“, изјави Роберт Исом, извршен директор на „Американ Ерлајнс“.

Според податоците, во авионот имало и руски државјани. Кремљ изрази сочувство.

„Гледаме дека овие тажни податоци се потврдени. Денеска имаме лоши вестите од Вашингтон. Жалиме и изразуваме сочувство до семејствата и пријателите на нашите сограѓани кои загинаа во оваа авионска несреќа“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Претседателот Трамп на социјалните мрежи истакна дека несреќата можела да се спречи. Експерти го поставуваат прашањето зошто воениот хеликоптер не ги следел добиените упатства во фреквентниот и силно ограничен воздушен простор околу главниот град на САД.

 

Маријана Димовска