Студентите пешачат од Белград до Нови Сад
Нема дијалог со власта, почна протестната прошетка на студентите до Нови Сад, за утрешната блокада во градот…

И додека претседателот Александар Вучиќ беше во посета не еден од тешко повредените од падот на настрешницата во Нови Сад, белградските студентите со поддршка на професорите и граѓаните денес тргнаа на протестна прошетка од Белград до Нови Сад со цел давање поддршка на новосадските колеги во блокирањето на сите три моста во тој град, одбележувајќи три месеци од уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, кога загинаа 15 лица.
Дводневниот протестен марш долг 80 километри, за прв пат цело време ќе биде обезбедуван од полицијата.
„Тргнавме од Белград и вечер ќе преспиеме во Инѓија. Ќе спиеме во шатори, луѓето обезбедија место за спиење, им благодарам. Што се однесува до организацијата во Нови Сад, студентите ќе бидат примени на сестринските факултети и треба да бидеме таму околу 18 часот. Во сабота одиме на протести да ги поддржиме нашите колеги и да им покажеме дека во оваа борба сме заедно“, вели еден студент.
Претседателот Вучиќ вчера помилува 13 студенти и професори од кривично гонење. Денес исполнето е барањето за намалување на школарините за 50 отсто, а почнаа и судските процеси за дел од напаѓачите со сведочења на оштетените студенти. Но, студентите и понатаму одбиваат дијалог со власта, тврдејќи дека барањата не се целосно исполнети или се задоцнети.
Покрај протестната прошетка и 15-минутниот молк долж градовите до Нови Сад, протестите и поддршката на граѓаните и институциите за студентските барања во цела Србија секојдневно се зголемува.
Во блокада се 63 факултети на 5-те државни универзитети, приватните факултети, голем број гимназии и основни училишта, просветниот кадар, адвокатите и судиите, културните работници, а штрајкови и протести се забележани во над 100 населени места, со што се зголемуваат и поделбите во општеството.
Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ
