Иницијатива за надзорна расправа за решавање на проблемот со загадениот воздух
Аерозагадувањето во фокус на народните избраници. СДСМ и Левица поднесоа барање за надзорна расправа за загадениот воздух. ВМРО-ДПМНЕ ја прифати иницијативата…

Речиси 4.000 човечки животи се загубени во период од две години, како последица на аерозагадувањето, тврди опозицијата. Велат, секое деветто бебе во Македонија умира како последица на загадениот воздух.
Проблемот со загадувањето да влезе во македонското Собрание на надзорна расправа, бараат СДСМ и Левица, иницијатива прифатена и од ВМРО-ДПМНЕ. Од опозицијата велат, ова е тема за која треба да се обединат сите пратеници во македонскиот парламент, кои имаат заедничка одговорност за наоѓање решение и преземање конкретни мерки за зачувувањето на животната средина.
Надзорната расправа е специфичен инструмент кој врши надзор над работењето на Владата и другите државни органи, а правото на чист воздух е уставно загарантирано право, велат од опозицијата.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ велат, неодамна формиравме интерпартиска група за заштита на животната средина, со цел дебатирање за овие проблеми.
Македонската влада при крајот на минатата година, ја презентираше шестгодишната програмата за чист воздух, за периодот од 2024-та до 2030-та година.
Марија Котовска
