Клиниката за дерматологија под лупа на ДЗР
Слабости во управувањето со лековите за ретки болести, финансиското управување и недостиг на ефикасност во реализацијата на договорените здравствени услуги се утврдени со ревизијата на Државниот завод за ревизија на ЈЗУ Универзитетска клиника за дерматологија.

Државниот завод за ревизија ја стави под лупа Клиниката за дерматологија и даде негативно мислење поради невистинити и необјективни финансиски извештаи. Ревизорите констатирале дека за ретките болести не се знае колку лекови се примени, а колку потрошени, а огромен број од нив се со изминат рок. Набавените апарати не се во целосна употреба, а не се евидентирало ниту присуството на дел од вработените.
„Во текот на 2023 година се примени лекови во износ од 37.434.000 денари, а во интерните рачни евиденции на клиниката се прикажани издадени лекови во износ од 27.394.000 денари, што е помалку за 8.843.000 денари во однос на евидентираните во регистарот. Утврдено е дека пациентите располагаат со лекови во вредност од 31.748.000 денари од кои 39 насто се со изминат рок, стои во ревизорскиот извештај за финансиските извештаи на Клиниката за дерматологија за 2023 година.
Во делот на внатрешни контроли не е воспоставено следење на договорите за јавни набавки ниту контроли на фактурите, а барањата за лекови за ретки болести не се одобрени од одговорното лице.
Обемот на услуги на Дерматологија во 2023 година се намалил за помалку од 1.000 во однос на 2022 година, но договорениот надоместок од ФЗОМ се зголемил за, речиси, три и пол милиони денари, се нагласува во извештајот на ДЗР. За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од одговорните лица во функција на подобрување на состојбите.
Александра Велинова
