Здравство

Таравари: До понеделник ќе стигнат сите лекови за онколошките пациенти

30.01.2025 16:02

Биолошката терапија на Клиниката за онкологија која недостасува речиси две недели, пристигнува до пациентите. Следната недела пациентите кои не ја добија терапијата, ќе можат да ја примат. Склучен е договор за набавка на лекови со повеќе веледрогерии во вредност од 500 до 700 илјади евра, вели министерот Таравари...

Биолошката терапија на Клиниката за онкологија која недостасува речиси две недели, пристигнува до пациентите. Денеска доставени уште два лека. Следната недела пациентите кои не ја добија терапијата, ќе можат да ја примат. Склучен е договор за набавка на лекови со повеќе веледрогерии во вредност од 500 до 700 илјади евра, вели министерот Таравари. Терапијата ќе им биде доволна на пациентите во наредните неколку недели, се до новиот тендер.

„Веќе е стигната дел од терапијата. Утре уште два лека и понеделник уште три. Практично ги имаме сите лекови коишто требаат. Првпат се случува за наше време да нема терапија, меѓутоа да не заборавиме повторувам не знам по кој пат, 95 проценти од пациентите се третираат и имаат терапија, недостасуваше само за 5 проценти. И да не заборавиме, оваа набавка не сме ја направиле ние, но тоа е неважно за пациентите, важно е тие да имаат терапија“, вели министерот за здравство, Арбен Таравари.

За сомнежите на онколошките пациенти дека се трошат последните количества од имунолошката терапија која е различна од биолошката, надлежните велат дека во тек е јавна набавка и болните од канцер навреме ќе ја добиваат.

Од Фондот за здравство ја задолжија Клиниката за онкологија да направи регистар на пациенти. Надлежните велат, зголемениот број болни од карцином довел до овој дефицит. Годинава буџетот на Клиниката за онкологија ќе биде значително зголемен, со тоа се очекува да не се повтори кризата со биолошка терапија.

Пред две недели болните од канцер алармираа дека на клиниката недостасуваат шест биолошки лека. Надлежните уверуваа дека проблемот ќе се надмине, дел од терапијата ќе се набави преку донации, остатокот преку соодветни постапки.

Андријана Ѓурческа