Македонија

Осумдневен притвор за битолскиот хирург осомничен за примање поткуп

30.01.2025 16:35

Судија на претходна постапка одреди осумдневен притвор за битолскиот хирург, кој на 28-ми јануари беше приведен поради сомнение за примање поткуп. Министерот Таравари го осудува овој случај и открива дека во Министерство за здравство пристигнати се повеќе пријави за вакви случаи. Апелира, граѓаните да ги пријават сите злоупотреби од страна на здравствените работници...

На битолскиот хирург кој се товари за примање поткуп, од страна на судија на претходна постапка одредена му е мерка притвор од 8 дена.

64-годишниот лекар во текот на вчерашниот ден беше приведен поради примање мито од 150 евра за извршена хируршка интервенција, операција на жолчно кесе кај пациентка, по што индиректно од нејзиниот син побарал пари за да се почасти.

Министерот Арбен Таравари вели дека во министерството биле пристигнати повеќе пријави од граѓани на кои им бил баран поткуп, ги осудува ваквите злоупотреби од страна на здравствените работници и ги охрабрува граѓаните да ги пријавуваат ваквите случаи. Според него, во вакви случаи на лекарите треба да им биде одземена лиценцата од страна на Лекарската комора.

Од битолската болница се оградуваат од постапката на посочениот доктор, информираат дека итно е спроведена постапка за смена на докторот од раководната позиција, како и постапка за суспензија додека трае процесот на извршните органи.

 

Александра Максимовска