Израелските власти времено ја стопираа размената на палестински затвореници
Хаотична атмосфера во Кан Јунис, откако израелските заложници беа принудени да минуваат низ толпа Палестинци кои извикуваа навреди и исмејувања, додека стотици милитанти на Хамас демонстрираа сила...

Хаотична атмосфера во Кан Јунис, откако израелските заложници беа принудени да минуваат низ толпа Палестинци кои извикуваа навреди и исмејувања, додека стотици милитанти на Хамас демонстрираа сила. Во знак на протест израелските власти времено ја стопираа размената на палестински затвореници, иако 29-годишната Арбел Јехуд и 80-годишниот Габи Мозес безбедно се вратија дома и покрај предизвиканиот неред при нивното предавање.
„Премиерот Бенјамин Нетанјаху, заедно со министерот за одбрана, Израел Кац, нареди одложување на ослободувањето на терористите кои требаше да бидат ослободени денеска – додека не се гарантира безбедното поминување на нашите заложници во следните ослободувања“-велат од израелската влада.
А, во Тел Авив на централниот плоштад еуфорична атмосфера поради денешното ослободувањето на осуммина заложници. По 15 месеци голгота, 20 годишната Агам Бергер, се врати во прегратките на своите најблиски.
„Тука сме и никогаш нема да те оставиме!“-рече мајката на Бергер.
Кревкиот договор со кој се запреа борбите во енклавата, овозможува и зголемена хуманитарна помош за погоденото палестинско население. Жителите се обидуваат да го вратат својот поранешен живот. Пешачат и по неколку километри по разрушената Газа во надеж дека ќе стигнат до своите домови.
„Има прекин на огнот, но има шанса и да се врати. Почнав да се подготвувам, но не знаев дека патиштата се вакви. Моето движење и онака е отежнато, но копнеев за семејството, за мојот дом, моето место, но го пронајдов разрушено до непрепознатливост“, вели Абдел Кадер Тафиш – раселено лице од Џабалија.
Договорот постигнат на 19-ти јануари меѓу Израел и Хамас предвидува ослободување на 33-јца израелски заложници во замена за речиси 2.000 палестински затвореници за време на првите шест недели од примирјето.
Маја Стојанова
