Свет

Нема преживеани по судирот на патнички авион и воен хеликоптер во САД

30.01.2025 17:18

Светот го потресе нова несреќа-во Вашингтон судир на патнички авион и воен хеликоптер. Од 60 патници и четворица во екипажот, пронајдени 30-на тела. Се стравуава дека нема преживеани …

Страшна несреќа на американското небо над Вашингтон. Судир на патнички авион и воен хеликоптер при слетување на националниот аеродром „Роналд Реган“.

„Патнички авион на повидок, се бара визуелно раздвојување!“-се слуша на аудиоснимката од пилотот на воениот хеликоптер „Црн јастреб“.

Само 13 секунди пред кобната несреќа пилотот на хеликоптерот комуницира со контролата на летање. Добива инструкции да се врати во базата, но не успева да ги исполни, двете летала завршуваат во водите на Потомак.

„Мислевме дека се ѕвезди што паѓаат, сè додека не ги видовме противпожарните возила и полициски автомобили“, изјави еден очевидец.

Авионот на „Американ ерлајнс“ кој летнал од Вичита, Канзас превезувал 64 патници и членови на екипажот, тројца војници биле во „Црниот Јастреб“. По опсежна и сложена операција за спасување, се стравува дека нема преживеани.

„300 луѓе минатата ноќ неуморно пребаруваа во екстремно студени услови. И покрај сите тие напори, сега се наоѓаме во момент кога се префрламе од операција за спасување на операција за закрепнување. Не веруваме дека има преживеани од оваа несреќаДосега извлековме 27 лица од авионот, а еден од хеликоптерот“, изјави Џон Донели, шеф на противпожарната служба во Вашингтон.

Нема ништо невообичаено во тоа што воено летало било над реката, тоа е честа глетка овде-вели секретарот за транспорт Дафи. Изјави дека и двете летала биле на нивната стандардна шема пред да се случи несреќата.

„Ноќта беше ведра, хеликоптерот беше во стандардна шема на летот минатата ноќ исто како и летот на Американ Ерлајнс кој пристигнуваше на копно. Сепак, ние очекуваме безбедност, сите што летаат на американското небо очекуваат безбедност и затоа заедно со претседателот Трамп и неговата администрација нема да мируваме додека не ги добиеме одговорите“, изјави Шон Дафи, секретар за транспорт.

Според надлежните трупот на авионот се преполовил на три дела, пронајдена е едната црна кутија. Според податоците, во авионот имало и руски државјани. Кремљ изрази сочувство.

„Жалиме и изразуваме сочувство до семејствата и пријателите на нашите сограѓани кои загинаа во оваа авионска несреќа“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Претседателот Трамп на социјалните мрежи истакна дека несреќата можела да се спречи. Експерти го поставуваат прашањето зошто воениот хеликоптер не ги следел добиените упаства во фреквентниот и силно ограничен воздушен простор околу главниот град на САД.

Бојана Крстевски

 

Фото: CNN