ОЈО

Дисциплинска постапка за двајца обвинители

30.01.2025 17:11

Дисциплинска постапка против двајцата виши обвинители Хајрулахи и Цветановски. Комисијата по неколку месеци утврди дека двајцата обвинители сториле тешки повреди. Прво беше отстранет од работа Хајрулахи, а со новата одлука и Цветановски засега нема да смее да доаѓа на своето работното место. Вишите обвинители за МТВ велат, Коцевски ја постигнал целта, заканите се остварени.

Постапувајќи по предлогот на Јавниот обвинител Коцевски, Комисијата едногласно донела решение за поведување дисциплински постапки против вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи и неговиот колега Јован Цветановски, за сторена тешка дисциплинска повреда. Според комисијата, Хајрулахи ги прекршил правилата за заведување на предметите во Вишото јавно обвинителство-Скопје, а за Цветановски дека нестручно и несовесно работел во 4 предмети, бидејќи се откажал од жалба или обвинение.

„Бидејќи вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје е веќе оддалечен од функцијата поради кривична постапка која се води против него, јавниот обвинител донесе одлука за оддалечување од функцијата и на другиот јавен обвинител против кого е поведена дисциплинска постапка, сè додека трае постапката против него.“, стои во соопштението од ЈО.

Јавниот обвинител Цветановски во изјава за МТВ потврди дека го добил решението, оценувајќи дека се потврдиле тврдењата за закани против него, па затоа поднесол кривични пријави против државниот обвинител Коцевски.

Вишиот јавен обвинител Хајрулахи засега не сака да ја коментира одлуката, но најави дека нема да премолчи по ваквата одлука од Јавното обвинителство.

Препукувањата на релација Државно и Вишо јавно обвинителство не запираат. Пред 4 месеци почна со случајот за бонусите во СЈО. Двајцата обвинители прстот го вперија кон републичкиот јавен обвинител дека им вршел притисок, Коцевски пак возврати-притисок немало, обвинителите работеле нестручно.

 

Ана Јосифовска