Трговија

„Црвен картон“ за трговците

30.01.2025 16:21

Црвен картон за трговците. Дел од граѓаните уште денеска почнаа со бојкот. Дали маркетите ќе останат празни? Ќе покаже утрешниот ден. Стопанството бара дијалог меѓу бизнисот и потрошувачите, занаетчиите со апел, леб да се купува од малите пекарници, по пониски цени...

Граѓаните се погласни во пресрет на големиот бојкот. Некои маркети планираат попис, а други најавија акции. Граѓаните се подготвуваат за утрешниот бојкот и малку порано. Покрај помладите, оваа иницијатива допира и до повозрасните граѓани.

Поддршка даде и Стопанската комора на Македонија. Првиот човек на комората за МТВ вели дека мора да се има дијалог, ако сакаме видливи резултати.

По Владата, институциите и ССМ го поддржува бојкотот на маркетите поради високите цени. Време е како што велат, трговците да разберат дека граѓаните се на прво место.

Од големите ланци за маркети велат дека ги разбираат граѓаните. Најавуваат промоции од следната недела.

Од Владата најавија вонредни контроли во маркетите.

И Занаетчиската комора го поддржува најавениот бојкот. Велат, в петок цените кај занаетчиите ќе бидат за 10% пониски.

„Ова е мал, но важен чекор за да покажеме дека локалната економија може да ги поддржи граѓаните со поправедни цени и подобар квалитет. Апелирам секогаш кога се во можност, не само за време на бојкотот, туку секогаш, купувачите да избираат продукт кај малите занаетчии“, повика Фазлији.

Утре бојкот на маркетите е најавен во Србија, Црна Гора, Босна, Словенија, сите организирани од Хрватска, поради високите цени на храната.

 

 

Борис Грујоски