Новинарот Мартин Пушевски ја доби првата награда за новинарски стории за справување со загадувањето за 2024
Првата наградата е доделена на новинарот Мартин Пушевски за сторијата со наслов „Аерозагадување – има решенија за горливиот проблем, нема храброст“, објавена на Македонската радио-телевизија...

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) денеска свечено ги додели наградите за 2024 година за новинарски стории на тема: „Справување со загадувањето на воздухот во РС Македонија“.
Првата наградата е доделена на новинарот Мартин Пушевски за сторијата со наслов „Аерозагадување – има решенија за горливиот проблем, нема храброст“, објавена на Македонската радио-телевизија. Станува збор за документарен филм во кој главната тема е проблемот со кој Македонија, со фокус на Скопје се соочува секоја година, а тоа е фактот што земјата се соочува со застарени енергетски капацитети, неефикасен транспорт и неконтролирано градење, сепак, најголемото аерозагадување доаѓа од домаќинствата.
Втората награда беше доделена на новинарката Емилија Мисирлиевски за новинарска содржина емитувана во рамките на истражувачкиот магазин „Код“ на ТВ Телма со наслов „Загаден воздух и еколошка правда“, во кој се обработува темата за загадувањето во Битола и негативните ефекти од тоа.
Третата награда беше доделена на новинарката Убавка Јаневска со наслов „Сеништето никако да се тргне од Велес, од ископите на троска продолжува загадувањето со тешки метали“ во која се истражува за долгогодишниот проблем со велешката топилничарска депонија.
Покрај наградените, денеска посебно признание беше врачено на новинарот Асдрен Челику од Македонската Радио Телевизија – детска редакција за иновативен и креативен пристап и придонес кон кревање на јавната свест за животната средина.
На свечениот настан свои обраќања пред присутните имаа претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, амбасадорката на Шведска во Северна Македонија, Ами Ларсон Јаин и постојниот претставник на УНДП во земјава, Армен Григорјан, како и наградените новинари и претставници на комисијата за 2024 година.
Фото :/ ЗНМ/Стојановски
