Иванов: Атина не придонесува за надминување на прашањето за името
Иванов во интервју за „Дневник“ оценува дека е потребно да се изврши притисок врз Грција што ќе резултира со почитување на меѓународното право и преземените обврски.

Атина настапува од позиција на сила, излегува од рамката за спорот со името и не придонесува за изнаоѓање на заемно прифатливо решение, изјави претседателот Ѓорге Иванов во интервју за „Дневник“.
Иванов оценува дека е потребно да се изврши притисок врз Грција што ќе резултира со почитување на меѓународното право и преземените обврски.
„Несфатливо е денеска на некого да му го негирате јазикот и неговиот идентитет. Несфатливо е некој се уште да ни го негира нашето право да постоиме и да бидеме она што отсекогаш сме биле“, вели Иванов во интерјвуто.
По последните изјави на германската канцеларка Ангела Меркел поврзани со спорот со името, Иванов смета дека директното вклучување на моќните европски држави во надминувањето на проблемот со македонските евроинтеграции е добредојдено за конечно да ја напуштиме статус кво состојбата.
„Проблемот со кочењето на македонските евроинтеграции е проблем и на ЕУ, и тоа е одговорност на сите членки на ЕУ. Тоа лично и го кажав и на канцеларката Меркел во Дубровник. И укажав дека со самото тоа што освен името се спомнува и идентитетот е излегување од рамката во која се водат разговорите и не дава надеж дека е можно да се најде решение“, вели Иванов во интервјуто за „Дневник“.
Според македонскиот претседател, охрабрува заклучокот произлезен од состанокот на лидерите од Брдо-Бриони процесот, одржан во Дубровник, во кој се изразува надеж дека Европскиот совет ќе донесе одлука за почеток на пристапните преговори со Република Македонија, имајќи предвид можност за паралелни пристапни преговори и решавање на билатералните разлики.
