Култура

Белгискиот виртоуз на виолина Марк Бучков - солист со Македонска филхармонија

31.01.2025 10:31

Белгискиот виолинист со руско-украинско потекло, Марк Бучков, критиката го опишува како софистициран музичар со беспрекорна самоувереност, но и како еден од најмултифункционалните и уникатни уметници на новата генерација.

Оркестарот на Македонската филхармонија во четврток (6 февруари) со почеток во 20 часот ќе го одржи концертот насловен „Магична виолина“ на кој како солист ќе настапи врвниот белгиски виолинист Марк Бучков. Диригент е маестро Сашо Татарчевски, а на програмата се: увертира „Оберон“ од К.М. Вебер, Концерт за виолина и оркестар бр. 3 во Ге-дур од В.А.Моцарт и Симфонија бр. 5 „Реформациска“ во Де-дур/де-мол, оп.107 од Ф.Менделсон.

Белгискиот виолинист со руско-украинско потекло, Марк Бучков, критиката го опишува како софистициран музичар со беспрекорна самоувереност, но и како еден од најмултифункционалните и уникатни уметници на новата генерација. Неговата меѓународна кариера е богата и зад себе има настапи со водечки оркестри и диригенти ширум Европа. Неговите оркестарски настапи вклучуваат соработки со Кралскиот Концертгебау оркестар и Марис Јансонс, Минхенскиот филхармониски оркестар, Симфонискиот оркестар во Хамбург...

Сашо Татарчевски е роден во Битола каде што завршува основно и средно музичко образование. Дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на катедрите за хорско и за оркестарско диригирање, а посетува и мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Санкт Петербург и Сартеано. Настапувал со различни ансамбли, а во моментов работи како професор на ФМУ по група предмети од областа на диригирањето.