ИЗРАЕЛ

Тел Авив попушти, ослободи 110 палестински затвореници

31.01.2025 15:45

Тел Авив попушти. По привремениот прекин на размената, го испорача договореното-ослободени 110 палестински затвореници откако Хамас претходно предаде осум заложници. Израел доби гаранција од посредниците за безбедност во идните предавања на киднапираните. Утре треба се очекува нова размена. Хамас го достави списокот со новите тројца заложници...

Хамас ги објави имињата на тројцата заложници кои треба да им бидат предадени утре на израелските власти. Тел Авив ослободи 110 палестински затвореници откако привремено ја стопираше размената во знак на протест по хаотичните сцени и навреди кои ги претрпеа заложниците за време на предавањето од Хамас.

„По 23 години ќе ја гушнам мајка ми, тоа е неописливо чувство, навистина, се надеваме на слобода за сите затвореници“, изјави Билал ал-Едаини, ослободен затвореник од Деир ал-Балах.

Од кабинетот на Нетанјаху потврдија дека посредниците се заложиле да гарантираат безбеден излез на заложниците во идните предавања откако тој претходно изјави дека нема да ризикува со нивните животи.

„Им ставивме до знаење на посредниците дека немаме намера да прифатиме никаков ризик за нашите заложници. Ќе падне крв за секој што ќе им наштети“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Состојбата на тројцата ослободени израелски заложници е добра и стабилна, потврдија лекарите.

„Третманот на оние што се враќаат ќе продолжи сè додека ним и на членовите на нивните семејства им е потребно, ќе ги придружуваме на нивното патување и при нивното враќање во живот“, изјави д-р Јаел Френкел Нир, заменик-генерален директор на медицинскиот центар Шеба.

Додека емотивните собири со најблиските продолжија во Газа и Тел Авив, на Западниот брег најмалку две жртви во жестоките борби меѓу палестинските борци и израелските сили. Во текот на ноќта Израел потврди дека извршил напади и врз локации на Хезболах во долината Бека како одговор на лансиран дрон за надгледување од милитантите. Додадоа и дека се пожалиле до комитетот предводен од САД кој го надгледува примирјето во Либан дека Иран испраќа куфери полни со пари до Хезболах преку меѓународниот аеродром во Бејрут. Наредната недела се очекува да продолжат преговори за втората фаза од примирјето во Газа.

 

Бојана Крстевски