Белградските студенти втор ден пеш го продолжија маршот кон Нови Сад
Студентите преноќија на фудбалскиот стадион во градот Инџија како дел од дводневниот протестен марш вчеравечер кон Нови Сад. Се очекува вечерва да пристигнат во Нови Сад, каде ќе положат 15 ружи за настраданите во несреќата...

Продолжуваат блокадите и инцидентите во Белград. Пред Институтот за ментално здравје со возило „голф“ намерно со додавање на гас беа удрени две докторки, кои се во стабилна состојба, а полицијата го приведе возачот.
Студентите од белградските факултети кои вчера тргнаа од Белград кон Нови Сад за да им дадат поддршка на колегите во блокирањето на сите три моста во тој град, по повод три месеци од уривањето на настрешница на Железничката станица во која загинаа 15 лица, втор ден го продолжија своето патување, од Инџија, каде што ја поминаа ноќта. Се очекува вечерва да пристигнат во Нови Сад на Железничката станица, каде ќе положат 15 ружи за настраданите во несреќата. Денес од Белград за Нови Сад тргнаа и велосипедистите, а утре се очекува студенти и граѓани од сите краеви на Србија да се упатат кон Нови Сад.
Останува бојкотот на универзитетите и средните училишта, а денес ќе биде блокиран Бранковиот мост, поради рушењето на Стариот железнички мост.
Претседателот Вучиќ денес во Расинскиот округ ја почнува кампањата за „Движењето за народ и држава“, премиерот во оставка Вучевиќ изјави дека СНС повеќе е за опцијата за нова влада отколку за избори, кака и раководството на СПС на Дачиќ.
Роковите течат, протестите продолжуваат, дијалог нема, а со тоа и политичката неизвесност во Србија.
Оливер Бранковиќ
