Куманово

Поддршка на бојкотот, маркетите во Куманово речиси празни

31.01.2025 16:48

И кумановци ги бојкотираат маркетите. Наплатните каси празни. Некои ланци ќе го искористат денот за попис. Граѓаните со реакции цените се превисоки, акциите нереални. Минималната потрошувачка кошничка е сè поскапа. Занаетчиите пак денеска за 10 отсто ги намалија производите...

Речиси празни се трговските ланци во Куманово. Граѓаните со масовна поддршка на бојкотот на маркетите поради високите цени на производите. Во голем дел од маркетите на наплатните каси ги нема ниту вработени. Други пат го искористија денот за попис. Граѓаните согласни цените се превисоки, а акциите нереални. Велат трошоците за живот продолжуваат да растат.

Дел од занаетчиските дејности одговорија на повикот на Занаетчиската комора. Тие денеска ги намалија цените на производите за десет отсто. Комората даде поддршка на бојкотот, но ги повика граѓаните да ги не забораваат помалите фирми, а државата да размислува за стратегија за поддршка на мали и микропретпријатија.

„Ние имаме доста големи фирми кои имаат свои клиенти, но и со „цените играат“ со народот. Но нашите членови не само денеска и претходно покажаа доблест и ги спуштија цените кога имаше потреба за народот. Да ја поддржиме локалната економија“, истакна Агрон Фазлији, претседател Занаетчиска комора на Македонија.

Растот на трошоците за живот го потврдуваат и пресметките. Според Сојузот на синдикатите на Македонија на едно четворочлено семејство во јануари му се потребни 63.252 денари за да ги задоволи основните животни потреби. Во споредба со декември лани, кошничката е зголемена за речиси 400 денари. Во јануари минатата година таа изнесуваше 57 илјади денари.

 

Елена Георгиевска