Технологија

Министерот Андоновски го отвори првиот Европски дигитален иновациски хаб во земјата

31.01.2025 12:35

Во просториите на Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИННОФЕИТ, беше свечено отворен ИННОФЕИТ ЕДИХ, првиот Европски дигитален иновациски хаб во Република Македонија...

Денеска, во просториите на Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИННОФЕИТ, беше свечено отворен ИННОФЕИТ ЕДИХ, првиот Европски дигитален иновациски хаб во Република Македонија.

На настанот во коорганизација на ЕДИХ и Министерството за дигитална трансформација, присуствуваа министерката за образование и наука Весна Јаневска, високи претставници од Владата, академијата и бизнис секторот.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во својот говор ја истакна важноста на овој проект за унапредување на дигиталната конкурентност на земјата. „ИННОФЕИТ ЕДИХ е првиот ваков Хаб во земјата, поддржан со 60 милиони денари од Владата во наредните 3 години. Тоа јасно покажува дека оваа Влада е посветена на проекти кои ја унапредуваат дигитализацијата и иновациите во нашата земја. ИННОФЕИТ ЕДИХ ќе претставува мост кој ги поврзува најновите технолошки достигнувања со реалните потреби на нашите компании, особено малите и средните претпријатија, како и јавниот сектор“,изјави министерот Андоновски.

Хабот е кофинансиран од Европската Унија преку програмата „Дигитална Европа“ и Владата на Република Македонија. Неговата цел е да го трансформира македонскиот иновациски екосистем и да ја зголеми конкурентноста на малите и средни претпријатија, како и на јавниот сектор.

Настанот вклучи панел-дискусија на тема „Улогата на Европските дигитални иновациски хабови во дигиталната трансформација на општеството“.

Министерот Андоновски потенцираше дека ваквите хабови се само почеток: „Нашата цел е да воспоставиме мрежа на ваков вид центри од различна големина и профил низ целата земја. Тие ќе обезбедат пошироко географско покривање и ќе создадат нови можности за компаниите и младите.“

ИНОФЕИТ ЕДИХ е воден од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во соработка со други универзитети, стопански комори и водечки ИКТ компании. Оваа иницијатива ќе биде важна алатка за забрзување на дигиталната трансформација во земјата и регионот.