Зачестени контроли во велешките кафулиња

01.08.2014 11:17

Во Велес се спроведуваат зачестени контроли во кафулињата, со цел да се види, дали малолетниците се чести гости и дали консумираат алкохол. Досегашните обиколка не покажуваат загрижувачка состојба...

Малолетни лица во вечерните часови има во велешките кафулиња, но тие не конзумираат алкохол. Ова е заклучок еднодневната контрола на Советот за превенција од детско престапништво.  Активностите на ова локално тело се со цел да се намали појавата на прекршување на законите од страна на лица помали од 18 години.

„Да ги посетиме угостителските објекти, кафилињата, да видиме дали малолетните консумираат алкохол и дали се присутни на самите места. Од самиот терен увидовме дека има присутни малолетни лица меѓутоа сите конзумираат безалкохолни пијалоци“, изјави Нада Трајкова, претседател на Советот за превенција од детско престапништво.

Во работата на Советот за превенција активно е вклучена и полицијата. Зачестените контроли сеуште се само едукативни. Од полицијата велат, превенцијата дава резултати, малолетниците по 24 часот ги нема во угостителските објекти.

„Апел до малолетниците паметно да го користат нивниот летен распуст, апел до сопствениците на локалите да го почитуваат законот како и досега како и до нивните родители за добра контрола и соработка“, вели Снежана Пановска, СВР Велес.

Полициската статистика не е толку розова кога станува збор за малолетниците и прекршоците во сообраќајот. Тука бројките се во негатива за младите. Сообраќајните правила не се почитуваат, без соодветна дозвола низ велешките улици тие често  управуваат мотори. Советот за превенција од детско престапништво, токму затоа следните активности ги насочува кон сообраќајна превенција.

 

Дијана Иванова