Мицкоски најавува ригорозна казнена политика, Филков ќе ги менува работите од корен
Системот ќе мора да се менува од корен. Министерот Филков со реакција, откако и граѓаните на протест го изразија незадоволството затоа што институциите потфрлиле. За премиерот Мицкоски, протестот е оправдан и лично го поддржува. Најавува ригорозна казнена политика...

Системот ќе мора да се менува од корен. Министерот Филков со реакција, откако и граѓаните на протест го изразија незадоволството затоа што институциите потфрлиле и не го санкционирале на време момчето кое пијано, без дозвола, со голема брзина на „Партизанска“ усмрти девојка на пешачки премин.
„Она што можам да се заложам е дека мојата политичка позиција и мојата човечка мисија ќе ја насочам за менување на работите од корен. Целиот систем мора да се менува однадвор и одвнатре“, вели министерот Филков.
За премиерот Мицкоски, протестот е оправдан и лично го поддржува. Најавува ригорозна казнена политика. Првиот човек во Владата очекува системот „Сејф сити“ наскоро да профункционира и жали што тоа претходно не е сторено.
„Колку и да треба политички куршуми да добиеме ние, тоа мораме да го инсталираме имплементираме и да преземеме казнена политика којашто ќе биде ригорозна, затоа што и еден живот да спасиме-сме ја постигнале целта. За жал, прерано згасна еден млад живот, поради еден ваков дивјак, кој се однесувал дивјачки низ улиците на главниот град“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Реакција и од политичките партии. Социјалдемократите бараат максимална казна за сторителот, а МВР и Владата итно да преземат мерки за подобрување на безбедноста на улиците. Од ВМРО-ДПМНЕ исто така бараат најостра санкција, којашто ќе испрати порака дека никој не смее да си игра со законот.
Анита Димитријевска – Велковска
