„Охридско лето“: „Његош и јас“ одиграна на „Заливот на коските“
„Охридско лето“ го донесе ансамблот на Црногорскиот народен театар со претставата „Његош и јас“- проект на Паоло Маџели. Оваа провокација за сладокусците одбра интересна локација- „Заливот на коските“...

Паоло Маџели низ својот авторски проект „Његош и јас“ смешно и невино, но интелектуално и храбро трага по „изгубеното време“ и на тој пат се враќаат сеќавањата испишувајќи повторно една историја. Тоа е приказна родена пред триесеттина години,за едно дете кое живее во минатото,но не е сентиментална биографија, туку сон кој навистина се случил, вели авторот.
„Тоа е своевидно патување низ Црна Гора, во кое се споредуваат некои мои сегашни и тогашни политички чуства во некој дијалектички однос, во еден свет кој за мене е неправедно променет. Сите ние многу малку време водиме сметка за вчера,а со тоа го губиме утре“, вели авторот на проектот.
Претставата е работена по повод 200-годишнината од раѓањето на Његош и за прв пат се игра надвор од Црна Гора.
„Добивме претстава која на атипичен балкански начин го слави генијалниот поет Његош и се става во одбрана на неговото име од злоупотребите на кои што беше изложен низ времето“, вели Јанко Љумовиќ- директор на Црногорскиот народен театар.
„Ова беше моја прва соработка со Маџели и беше многу добро искуство бидеќи поминувам низ тој времеплов,односно еден вид негови лични мемоари“, рече актерката Маја Пелевиќ.
Музиката за претставата е на македонскиот композитор Љупчо Константинов кој интензивно соработува со Маџели во изминатите 30 години.
„Секој проект што го работиме за мене претставува една нова возбуда, нови откритија, нови сознанија, нов чекор напред“, изјави композиторот Константинов.
Претставата се одигра на една од најатрактивните локации на охридското крајбрежје, „Заливот на коските“ кај Градиште.
Сашо Нелоски
