Хамас денеска ослободи уште тројца израелски заложници
Палестинската милитантна група Хамас му ги предаде тројцата израелски заложници на црвениот крст во Кан Јунис, во Појасот Газа. Според договорот, Израел пак ќе ослободи 90 палестински затвореници. Од вторник почнува втората фаза од 6-неделниот договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, според кој, треба да бидат ослободени уште 60 заложници, и да почне повлекувањето на израелските војници од Газа...

Хамас му предаде уште двајца израелски заложници на Црвениот крст во Кан Јунис, во појасот Газа, третиот ослободен на друга локација. Офер Калдерон, кој има француско и израелско државјанство и Јарден Бибас беа предадени на службеник на Црвениот крст, во последната фаза од постепената размена на заложници за палестинските затвореници. Кит Сигел има двојно државјанство-американско и израелско. Калдерон со хеликоптер беше префрлен во болницата Шеба во јужен Израел. Неговото семејството со радост го гледаат на телевизија известувањето за неговото ослободување, по 15 месеци заробеништво во Газа.
„Го чекавме овој момент Офер да се врати дома. Невозможно е да се живее без него. Сега целото семејство ќе почне да се рехабилитира, да се врати во нормала и ако даде Бог, целиот народ на Израел ќе се врати во нормала“, изјави Јаел Калдерон, братучед на Офер Калдерон.
„Ова е порака до израелската влада и до носителите на одлуки дека таму има заложници кои сега се живи и сите треба да се вратат живи“, изјави Ејал Калдерон, братучед на Офер Калдерон.
И пријателите на Сигел се воодушевија и ракоплескаа откако го видоа ослободен. Според договорот, Тел Авив пак, треба да ослободи 90 палестински затвореници. А, првите Палестинци отпатуваа од Газа за Египет преку новоотворениот премин Рафах. Првично отворен за 50 повредени милитанти и 50 ранети цивили, заедно со оние што ги придружуваат, како и за уште 100 лица, најверојатно студенти, на кои ќе им биде дозволено да поминат од хуманитарни причини. До вторник треба да почнат преговорите за ослободување на повеќе од 60 преостанати заложници и повлекување на израелските војници од Газа, како дел од втората фаза од договорот. Шестнеделниот прекин на огнот, преговаран со египетските и катарските посредници и поддржан од Соединетите американски држави остана во сила и покрај серијата инциденти од двете страни, кои меѓусебно се обвинуваа за прекршување на договорот.
Милчо Велески
