Прометот во поголемите ланци маркети во петокот речиси преполовен
А, што по вчерашниот бојкот на маркетите? Продолжува ли и денеска и има ли проценки од евентуалниот ефект...

Преполовен прометот во маркетите поради бојкотот. Осумте најголеми маркети во земјава имале заработка од 114 илјади денари или речиси 47 отсто помалку во споредба со претходниот ден, но и со минатиот петок. Анализата ја објави УЈП, според бројот на издадени фискални сметки.
Ден по бојкотот поради високите цени, вообичаен саботен метеж во маркетите. Граѓаните не гледаат разлика во цените.
„Цените се исти, зголемени, тоа што е поквалитетно е скапо“.
„Јас не забележав разлика“
„Влеговте денеска во маркет? Влегов, исти цени“.
„Немаше некоја разлика, не“.
„Зголемени се цените, не само во овој маркет и во другите продавници“.
„Мораме да пазариме, а конкуренцијата нека си го направи своето“.
„Внатре има 200 луѓе. Сите што не купувале вчера, денеска купуваа. Треба да разберат, зависат од нас, не ние од нив. Не треба ни денеска да влегуваме“.
Инспекторите се на терен, се испитуваат евентуални злоупотреби во маркетите. Целта е да се заштити стандардот на граѓаните – вели премиерот Мицкоски.
„Она што бевме загрижени, односно нашите стравувања стануваат вистина. Делуваме и ќе продолжиме да делуваме. Како влада имаме обврска да го штитиме стандардот на граѓаните, но истовремено да не ја нарушиме пазарната економија, пазарните правила. Мислам дека во овој момент треба сите заедно да работиме да излеземе како победници од оваа ситуација и мислам дека ќе излеземе како победници“, нагласи Мицкоски.
Македонија е на трето место според поскапувањето на лебот во Европа, објави Евростат. За пет години поскапел за 65 отсто.
Освен во Македонија, бојкот на маркетите имаше и во земјите од поранешна Југославија.
Повикот за бојкот, на последниот ден од јануари ги остави речиси празни најголемиот дел од маркетите – граѓаните се одлучија на овој чекор поради високите цени.
Андријана Ѓурческа
