Граѓаните во Скопје и денеска запалија свеќи за Фросина Кулакова
Скопјани сè уште не можат да се соземат по последната сообраќајна несреќа во која загина младата Фросина. И денеска на минување палеа свеќи и носеа цвеќиња на местото каде што беше прегазена…

Со грутка во грлото беше секој пешак кој поминуваше покрај Универзална. Сè уште присутни тага и неверување дека еден млад живот пред неколку дена згасна, токму на ова место. Пред сликата на младата Фросина се оставаа списанија за мода, срциња и цвеќе.
Граѓаните и натаму револтирани, бараат системски решенија за децениската неказнивост и да се стави крај на дивеењето по скопските улици.
На овој пешачки премин во минатото се случија повеќе сообраќајни несреќи кои резултираа со смртен исход. Детектирани се црните сообраќајни точки низ целата земја, системски ќе се решава проблемот, ќе има ригорозни казни, тврди директорот на Бирото за јавна безбедност, Јанев. Според него потребна е поголема свест кај сите, но особено кај родителите.
20-годишниот Васил Јованов со брзина од 130 километри на час, во алкохолизирана состојба удрил во 22-годишната Фросина Кулакова. Тој не поседувал возачка дозвола, а неговото полициско досие открива дека во минатото е сторител на неколку кривични дела. Недозволена трговија со дрога, нарушување на јавниот ред и мир, насилство и сторител на повеќе сообраќајни прекршоци за што бил упатен во казнено поправен дом.
Вчера се одржа протест кој заврши пред Кривичниот суд. Граѓаните преку онлајн петиција бараат доживотна казна за Јованов.
Од понеделник студентските здруженија најавуваат нови блокади.
Викторија Милевска
