Жртвата на земјоделците попуста без работна сила
Високите цени во маркетите ќе одат во нагорна линија доколку зависиме од увозните производи. Потенцијалот на Македонија да произведува, полека стагнира бидејќи нема доволно работници. Младите или немаат интерес или немаат услови. Надлежните уверуваат дека со унгарскиот заем состојбата во руралните средини ќе се промени. Со овој прилог, МТВ се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во проектот „Користи факти“...

„Се случува во сезона и по три ноќи да не се спие, се работи 24 саати. Утредента пак и пак исто и паѓаш едноставно паѓаш, не можеш да издржиш“, вели Трајанка Златковиќ, земјоделка.
Сопруга, баба, но во полно работно време жена земјоделка. За Трајанка Златковиќ денот почнува во пет часот, а некогаш не завршува ниту кога доаѓа ноќта. Таа не успева да ги расте своите внуци, бидејќи и ден и ноќ мора да биде тука. Овие 70 хектари земја ги обработува заедно со нејзиниот сопруг, работат и синовите, па дури и внуците на 10 години. Но, тие не се доволни за да успеат да ја обработат целата земја. Потребна е работна сила, а неа ја нема. Минатата година огромни количини домат им пропаднале, бидејќи немало кој да ги собере. Сега наместо градинарството ќе насадат орев, бидејќи во голем дел работната сила ќе ја заменат со машини.
„Тоа е површина која ја спремаме за нов насад. Сакаме да ја подигнеме со овошен насад орев-чендлер, бидејќи колку што читаме бара помалку работна рака. Сега додека посадиме има захтев, Најмногу ни треба работна рака во берба. Чендлерот во берба може да се собира и машински, затоа така одлучивме да посадиме“, вели Трајанка Златковиќ, земјоделка.
Некогаш главна работна сила на земјоделските површини беа младите, а денеска ги нема. Во неготинското село Пепелиште, децата по завршување на училиштето заминуваат во големите градови за да учат факултет, а има и голем број семејства кои се иселени надвор од нашата земја. Додека се движевме по патот забележавме само две жени, како работат на земјоделските површини.
Лани се обиделе и со увоз на работна сила од Филипини, но безуспешно. Работниците никогаш не стигнале до нашата земја.
„Лани посадивме повеќе, надевајќи се на таа работна рака, на крај не ја добивме и многу производство ни остана на плантажите“, вели Трајанка Златковиќ, земјоделка.
Иста ситуација затекнавме и во неготинско Тимјаник. Васка Мојсовска и нејзиниот сопруг, инвестицијата ја граделе по малку секоја година. Наместо скапи возила, инвестирале во повеќе хектари. Денеска се меѓу најпознатите производители на земјоделски производи. И тие, за да успеат, работат заедно со своите деца, но се плашат дека инвестицијата ќе дојде на стаклени нозе, бидејќи нема работници кои сакаат да работат. Дури ни сезонски.
„Ако за еден млад човек работник треба да викнете двајца повозрасни и да платите исто, затоа што имате помалку учинок. Не дека ние како земјоделци се жалиме. Но треба да се мотивираат и младите да влезат во секторот земјоделство. Да чувствуваат овде во нашата земја да бидат општествено одговорни, овде да придонесуваат“, вели Васка Мојсовска, претседателка на Националната Федерација на фармери.
Покрај платите, инфраструктурата во руралните средини е еден горлив проблем. Жените немаат каде да ги остават малите деца, недостасуваат градинки, за повозрасните-домови за стари лица. Ова се обврски на општините, кои велат дека бараат решение. Една можност е унгарскиот кредит преку кој локалната самоуправа може да им го олесни и да им го осовремени животот на граѓаните во секоја општина.
„Сметам дека ќе напреднат условите во секое населено место, ако земеме предвид во Македонија имаше состојба голем дел од патиштата не беа ревитализирани, повеќе од 30, 40, 50 години. Во многу од општините имаше проблем околу уписи во градинки, немаше слободни места. Многу од училиштата беа со несоодветни услови, недостасуваа нови училишта, сега се градат и нови училишта и постоечките се реконструираат“, вели Орце Ѓоргиевски, претседател на ЗЕЛС.
Министерството за земјоделство веќе крои стратегија како да ги натера младите да инвестираат и да работат во оваа гранка. Причината за оваа состојба според министерот е бидејќи во минатото, властите не вложувале доволно земјоделството.
„Финансиска помош за младите земјоделци кои сакаат да започнат бизнис од областа на земјоделството или евентуално да прошират постоечки капацитет, дополнително во сите оние други програми во програмата за дополнителни плаќања, Предност имаат младите земјоделци со дополни плаќања како носители на земјоделско стопанство. Сите потенцијални корисници коишто сакаат да бидат на државно земјоделско земјиште за помладата категорија на земјоделци има предност односно ослободување во плаќањето на закупнина во првите три години се ослободени практично и Дополните бодови, младите луѓе од 18 до 40 во грантови“, вели Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Според државната статистика, во периодот од јануари до ноември минатата година, во Македонија биле увезени храна и живи животни во вредност од близу 970 илјади евра, а биле извезени речиси двојно помалку или 504 илјади евра.
Марина Доковска
