БЛИСКИ ИСТОК

Нетанјаху во вторник во Вашингтон на средба со Трамп

02.02.2025 13:01

Палестинското Министерство за здравство соопшти дека пет Палестинци се убиени од израелски оган на северниот окупиран Западен брег. Израелската војска соопшти дека е елиминирана терористичка ќелија. Израелскиот премиер Нетанјаху во вторник во Вашингтон на средба со Трамп, за втората фаза од договорот за примирјето со Хамас. Се проценува дека во Газа сè уште има повеќе од 70 заложници.

Израелскиот премиер Нетанјаху во вторник во Вашингтон ќе се сретне со американскиот претседател Трамп. Состанокот доаѓа во време кога во Газа е во сила шестнеделно примирје, откако Израел и Хамас постигнаа договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците. Нетанјаху прво ќе разговара со пратеникот на американскиот претседател за Блискиот исток, Стив Виткоф, кој потоа ќе разговара со официјални лица од Египет и Катар кои посредуваа меѓу Израел и Хамас, со поддршка од Вашингтон.

Во Газа сè уште има повеќе од 70 заложници. Роднините ги повторија своите повици до американскиот претседател да не дозволи десничарските израелски министри да го саботираат договорот за заложници.

„Во лицето на екстремистите кои се обидуваат да го саботираат остатокот од договорот за заложници, во лицето на Нетанјаху кој повторно би можел да биде влечен заедно со нив, нашата борба мора да продолжи со полна сила. Нема да дозволиме да не принудите назад во војна или да ги осудите на смрт оставените заложници“, изјави Наама Вајнберг, роднина на починат заложник.

„Ние сме вечно благодарни на вас претседателе Трамп што го остваривте овој договор и бараме да направите се што е во ваша моќ за да се осигурате дека сите фази од договорот ќе бидат целосно спроведени и сите преостанати заложници ќе бидат вратени дома. Нетанјаху несомнено ќе се обиде да те изигра, исто како што направи со Бајден“, изјави Јехуда Коен, татко на исчезнат војник.

Израел и Хамас постигнаа сложен договор за прекин на огнот минатиот месец, кој треба да се спроведе во три фази, со што беа запрени борбите во Газа. Хамас досега ослободи 18 заложници, во замена за стотиците Палестинци кои се држат во израелските затвори. Трамп минатата недела објави дека сака Египет и Јордан да ги прифатат Палестинците од Газа, предлог што го осудија и Хамас и палестинската управа. Јордан и Египет, исто така, ја отфрлија идејата.

 

Милчо Велески