Стандард

Власта и опозицијата за цените и стандардот

02.02.2025 16:43

Власта тврди дека ќе стави крај на дивеењето на цените. Велат дека галопирачкиот раст се смирува. Им порачаа на трговците дека нема повеќе да го толерираат трик-однесувањето затоа што така го напаѓаат животниот стандард на граѓаните. Според лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во нивно време, државата активно интервенирала за да го заштити џебот на купувачите.

Владата ќе направи се за да ги заштити граѓаните од високите цени. Тие го јадат нивниот стандард, но преку законот за нефер трговски практики и преку постојани инспекциски надзори мора да реагираме за трговците да не ги креваат цените на основните прехранбени производи до недоглед. Стандардот ќе го подобриме и со директни странски инвестиции, со капитални вложувања и со поддршка на домашното стопанство, рекоа говорниците на трибината организирана од ВМРО-ДПМНЕ.

И додека заменикот министер за економија Ристески посочува дека претходната власт ги замрзна цените, а потоа трговците сакале да ги надоместат загубите, лидерот на СДСМ Венко Филипче посочува дека незадоволството на граѓаните се директен резултат на неспособноста на владата на ВМРО-ДПМНЕ, која не презеде никакви конкретни мерки за заштита на куповната моќ на граѓаните.

По покачувањето на цените, граѓаните во петокот направија бојкот за купување во маркетите, а власта ги засили инспекциите.

 

Миле А. Ристески