Се разгорува трговската војна, Трамп размислува за царини и за ЕУ
Се разгорува трговската војна.Трамп размислува за царини и за ЕУ откако воведе 25 проценти такси за производите од Канада и Мексико и дополнителни 10 насто за Кина. Новите царини ги разнишаа берзите, крипто-пазарот, а доларот е во предност пред повеќето светски валути....

По Канада, Мексико и Кина, Европа е следна во редот за американски царини. Претседателот Трамп ја обвини ЕУ дека ги искористува САД, но истакна дека со Велика Британија ситуацијата може да се поправи. Призна дека царините на краток рок ќе им предизвикаат малку болка на Американците, но на крајот ќе се исплатат.
„Имаме дефицит од над 300 милијарди долари. Тие не ни ги земаат автомобилите, не ги земаат нашите земјоделски производи, не земаат речиси ништо, а ние им земаме се, милиони автомобили, храна и земјоделски производи. Обединетото Кралство е надвор од линијата, мислам дека тоа може да се реши, но Европската Унија, сурово е тоа што тие го направија“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Од Брисел велат дека внимателно ги слушаат најавите од американска страна и порачуваат дека во трговските војни нема победници.
„Внимателно ги слушавме зборови и се разбира, се подготвуваме и на наша страна. Но, она што е јасно, нема победници во трговските војни. Ние сме многу поврзани меѓусебно, ни треба Америка и ни требаме на Америка. Тарифите ги зголемуваат трошоците, не се добри за работните места, не се добри ниту за клиентите“, изјави Каја Калас, шеф за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Шефот на Белата куќа нареди царини од 25 проценти за Мексико и Канада и дополнителни 10 насто на веќе постоечките за Кина поради илегалната миграција и трговијата со опасната дрога фентанил. Од Пекинг изразија противење на акциите на Трамп.
„Кина ги повикува САД да ги поправат своите погрешни постапки и да го заштитат тешко постигнатиот напредок во билатералната соработка за контрола на дрогата, за промовирање стабилен, здрав и одржлив развој на билатералните односи“, соопштија од Министерство за јавна безбедност на Кина.
Канадските власти со контрамерки. Објавија листа на американски стоки со царини зголемени за 25 насто. Мексико бара дијалог, но земјата е подготвена да одговори на ист начин. Преку социјалните мрежи, граѓаните повикаа на бојкот на производи и компании од САД. Новите царини ги разнишаа берзите, крипто-пазарот, а доларот е во предност пред повеќето светски валути.
Маријана Димовска
