Собрание

На повидок законски измени за безбеден сообраќај

03.02.2025 17:11

Владејачкото мнозинство иницира постапка за законски измени за зголемување на безбедноста во сообраќајот по смртта на 22-годишната Фросина. В петок ќе има јавна дебата со насоки за подобрување на законската рамка. Булеварот „Партизанска“ е една од црните точки, и стручната фела сугерира систем за поголема безбедност...

Несреќно згаснатиот млад живот ги мобилизираше пратениците. Дали е на повидок решавање на горливиот проблем со сообраќајот во земјава. В петок, на јавна расправа ќе се анализира состојбата и ќе се утврдува потребата од измени на законските прописи за поголема безбедност во сообраќајот.

„Оваа јавна расправа ќе ја одржиме во петок, со тоа ќе има време од неколку дена колку што ги побараа предлагачите да ги повикаме институциите и да ги отвориме сите прашања“, изјави Љупчо Пренџов – претседател на Комисијата за политички систем.

За решение на проблемот, нема поделби во партиите.

„Може би попаметно беше да имаме надзорна работа за да видиме за имплементацијата на регулативата и нејзината злоупотреба не само да дискутираме за некои законски решенија, но сепак сега е време да се поддржи иницијативата за јавна расправа и ние ја поддржуваме“, изјави Амер Мециновиќ – Левица.

„Верувам дека во јавната расправа ќе произлезат и други предлози кои ќе дадат друг предизвик кој се однесува на правото и правниот систем воопшто“, изјави Елми Азири – Алијанса за Албанците.

„Време е за сериозни чекори и системски решенија, безбедноста на граѓаните мора да ни биде приоритет на сите, а тоа значи промени во законите кои ќе обезбедат заштита, превенција и ефикасни институционални реакции“, изјави Никола Мицески – ВМРО – ДПМНЕ.

Стручната фела со став дека се неопходни законски измени за побезбедни улици. Според професорот Дујовски една од црните точки е токму булеварот „Партизански одреди“.

„Првата работа што треба да се направи е Министерството за внатрешни работи што поскоро да ги заврши подготовките на законските измени за да се воведе системот којшто ќе го следи сообраќајот. На неколку критични места да се исклучи сосема сообраќајот за пешаци на булеварот „Партизански одреди“. Ако го зборуваме ова на запад, луѓето нема да разберат за што зборуваме, но тука мораме така да постапиме за да ги заштитиме децата. Нема други решенија, освен изградба на надвозници или подвозници“, изјави Никола Дујовски – универзитетски професор.

Многубројните кампањи за безбедност во сообраќајот не придонесоа да се намали бројот на жртви. Останува констатацијата дека сообраќајната култура во земјава е на многу ниво.

Андријана Ѓурческа