Јаневска на Самит за образование, иновации и култура во Будимпешта
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на Самитот на министри за образование, иновации и култура на земјите од Западен Балкан и Унгарија, што денес и утре се одржува во Будимпешта, а во чиј фокус е унапредување на соработката во овие области помеѓу земјите учеснички...

Академската титула е достигнување за кое размислува мнозинство од младите денес и наша должност е да им обезбедиме квалитетно високо образование. Целта полесно се остварува ако со некого разменувајќи искуства, заедно чекорите по патот, а уште полесно е ако ве води некој што веќе го поминал тој пат. Унгарија е земја која со добро обмислени реформи го унапреди високообразовниот систем, може да биде добар пример и да им помогне на земјите од Западен Балкан.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на Самитот на министри за образование, иновации и култура на земјите од Западен Балкан и Унгарија, што денес и утре се одржува во Будимпешта, а во чиј фокус е унапредување на соработката во овие области помеѓу земјите учеснички.
Министерката нагласи дека македонската влада основаше Национално координативно тело за реформи во високото образование, кое ќе ги дефинира промените што ќе го забрзаат неговиот развој. Како што рече, во план е промена на моделот на финансирање на високообразовните установи и законски измени за објавување на повеќе научни трудови како услов за напредување во звања кои пак, истовремено ќе го подигнат и рејтингот на нашите универзитети на глобалните ранг листи. Ќе се стимулира модернизација на постојните студиски програми, како и воведување повеќе програми на англиски јазик.
Според Јаневска, и развојот на науката станува национален приоритет. Во таа насока, буџетот за наука за 2025 година е речиси двојно зголемен споредбено со 2024.
На иницијатива на Јаневска која беше прифатена од учесниците, во рамки на следниот самит ќе се организира средба меѓу претставници на најдобрите универзитети и научни институти од земјите од Западен Балкан и Унгарија, од кои се очекуваат нови иницијативи за воведување на заеднички студиски програми (двојни дипломи) и истражувачки проекти.
