Евроинтеграции

Муртезани во дводневна посета на Брисел

04.02.2025 08:11

Во рамките на дводневната посета, предвидено е министерот Муртезани да има средба со еврокомесарката за проширување, Марта Кос, на која ќе се разговара за напредокот на Северна Македонија во процесот на пристапување во ЕУ...

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, денеска и утре ќе престојува во работна посета на Брисел, каде што ќе оствари низа средби со високи претставници на Европската Унија, Европскиот парламент и Европскиот економски и социјален комитет, информираат од Министерството.

Во рамките на дводневната посета, предвидено е министерот Муртезани да има средба со еврокомесарката за проширување, Марта Кос, на која ќе се разговара за напредокот на Северна Македонија во процесот на пристапување во ЕУ, Реформската агенда и следните чекори во преговарачкиот процес.

Како што информираат од Министерството за европски прашања, предвидени се средби и во Европскиот парламент со Тајс Роитен и Матеј Тонин, известители во сенка за Северна Македонија, како и со Карло Реслер, копретседавач на Мешовитиот парламентарен комитет Северна Македонија – ЕУ, на која ќе се разгледаат можностите за зајакнување на парламентарната соработка меѓу Скопје и Брисел и засилување на политичката поддршка во Европскиот парламент за напредокот на земјата.

Во агендата на Муртезани предвидени се средби и со Мати Масикас, извршен директор за Европа во Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), со кого ќе разговара за актуелните политички и безбедносни предизвици во регионот, како и за геополитичките аспекти на проширувањето, а ќе има и состанок со претседателот на Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК), Оливер Ропке.